Линкови за пристапност

Возач влетал во толпата народ со изнајмен камион и возел два километри по пешачката патека во Ница, на која луѓето го одбележувале Денот на Бастилја на шеталиштето покрај брегот, во четвртокот навечер, околу 10.30 часот. Инцидентот се третира како терористички напад.

Најмалку 84 лица, вклучувајќи и неколку деца биле убиени, а повеќе од 100 други повредени. Францускиот претседател по посетата на болницата во Ница кажа дека околу 50 лица едвај се одржуваат во живот. Жртвите во времето на настанот биле собрани да го гледаат огнометот.

Полицијата го убила напаѓачот откако тој го запрел камионот, и почнал да пука во толпата. Идентификуван е како Мухамед Лахуаеџ Бухлел, 31- годишен француски државјанин со туниско потекло кој живеел во Ница. Тој и` бил познат на полицијата по насилнички дела, но не бил осомничен за никакви терористички или екстремистички врски од страна на националните безбедносните агенции. Полицијата се обидува да утврди дали имал соработници.

Засега ниту една терористичка група не ја презеде одговорноста, но нападот беше прославен на Интернет од страна на поддржувачите на Исламската држава.

Францускиот претседател одржа итна средба со министерот за внатрешни работи на земјата пред да отпатува за Ница заедно со премиерот Мануел Валс. Тој повика на тримесечно продолжување на вонредната состојба во земјата воспоставена по терористичкиот напад во ноември. Тој вети зајакнување на улогата на неговата земја во борбата со Исламската држава во Ирак и Сирија.

Контра-терористичка група во рамки на париското обвинителство ја презеде истрагата за инцидентот.

Светските лидери го осудија инцидентот, а соседните земји, Германија и Италија ја зајакнаа граничната безбедност.

Двајца американски државјани се меѓу загинатите. Ерменија, Украина и Швајцарија потврдија дека меѓу загинатите има и нивни државјани.

Велосипедската трка „Тур де Франс“ ќе продолжи да се одвива според планираното, иако некои настани поврзани со трката ќе бидат откажани.

XS
SM
MD
LG