Линкови за пристапност

Македонија: нападот во Ница е удар врз универзалните човечки вредности


Сочувство за жртвите од Македонија, испрати и француската амбасадорка во Скопје Лоренс Оер

Македонскиот државен врв и политичките лидери упатија пораки на сочувство до францускиот народ.

„Република Македонија остро ги осудува и се спротивставува на сите терористички напади, и е солидарна со Франција во борбата против тероризмот“, се вели во писмото на шефот на државата Ѓорге Иванов до францускиот претседателот Франсоа Оланд.

Премиерот Емил Димитриев испрати порака на неговиот француски колега, во која се вели:

„Извршувањето на терористичкиот напад на Денот на Бастиља е обид за сквернавење на духот на Француската Република и на вредностите на кои таа се темели“.

И партиските лидери на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ изразија жалење за жртвите.

„Најостро го осудуваме кукавичкиот чин во Ница, во кој настрадаа граѓани кои ја славеа слободата и еднаквоста, во чест на националниот празник на Франција“, стои во телеграмата на лидерот на СДСМ Зоран Заев.

„Овој бесмислен, грозоморен и антицивилизациски чин е напад врз нашите универзални човечки вредности“, се вели во писмото на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

Француската амбасадорка во Македонија Лоренс Оер изјави:

„Сите во Франција сочувствуваат и ги бараат своите најмили и најблиски. Она што можам да го кажам е дека досега меѓу жртвите нема македонски државјани. Отворен е ургентен телефон во Париз за информации“.

XS
SM
MD
LG