Линкови за пристапност

Властите немоќни против само-радикализацијата


Напорите на владите се покажаа поефикасни во борбата со терористичките групи, како што е Исламската држава

Без разлика на тоа колку внимание и ресурси вложуваат САД и останатите земји во светот во контра-терористичките напори, масовното убиство во Орландо, Флорида покажа дека заканата од поединци останува, и за владите е се потешко да се справат со проблемот.

До овој момент нема индикации дека напаѓачот во Орландо имал директни врски со Исламската држава, а директорот на ФБИ, Џејмс Коми кажа дека агенцијата верува дека тој се радикализирал преку Интернет.

Ерик Розанд, аналитичар за надворешна политика во Институцијата Брукингс вели дека нападот е пример како пораките на Исламската држава се примени кај многумина млади муслимани, кои не се координирани со групата, но се лути, дезориентирани и привлечени од визијата за насилство и деструкција.

„Земјите треба да се справат со сопствените сили“ изјави тој за Гласот на Америка. „Тие треба да најдат заеднички јазик со заедниците кои се чувствуваат маргинализирани, поединците кои се чувствуваат загубени, и не постојат механизми за превенција на тоа, нема адекватни ресурси и иновации насочени кон превенција на овој аспект од проблемот во секоја од земјите.“

Во извештајот на американскиот Стејт департмент објавен порано месецов стои дека бројот на нападите минатата година во светски рамки паднал за 13 проценти, а смртните случаи од нападите паднале за 14 проценти.

Еми Пејт, истражувачки директор во „Националниот конзорциум за изучување и справување со тероризмот“ на Универзитетот во Мериленд кој ја подготвува статистиката за извештајот, вели дека насилството опаѓа и се зголемува во текот на времето, но таа не гледа дека целосно елиминирање на проблемот е реалистично.

Речиси пред две години, американскиот претседател Барак Обама ја објави целта за искоренување на Исламската држава и ги постави основите за воените напади на коалицијата врз милитантната група и целите за прекинување на патиштата за финансирање и привлекување на странски борци. Иако имаше успеси за ослободување на територии во Ирак и Сирија кои некогаш ги држеа милитантите, групата успеа да задржи голем дел од територијата кој ја контролираа во овие две земји и имаат дури и пошироко влијание.

Ребека Зимерман, аналитичарка во корпорацијата Ранд смета дека полесниот дел во искоренувањето на Исламската држава е да се напаѓаат териториите каде групата се обидува да се однесува како држава, и ја покажува својата воена моќ. Но таа за Гласот на Америка вели иако Исламската држава изгубила дел од своите територии, таа останува „опасна и тешка закана.“

„Тоа е една од најтешките нешта кај тероризмот, речиси е невозможно да знаете кога сте завршиле со битката“, додава таа.

Розанд вели дека владите се фокусираат на ликвидација, заробување или апсење на терористите, и дека еден ден борбите во Ирак и Сирија ќе завршат, а многу земји не се подготвени да се справат со проблемот на враќањето на илјадниците милитанти дома.

„Согледуваме дека не е посветено доволно енергија, ресурси и внимание прво за превенцијата а потоа и на реинтеграцијата“, вели тој.

Розанд ги идентификува Холандија и Данска како земји кои веќе имаат софистицирани програми, иако мали по обем, додека одговорот на Британија е затворање на илјадниците кои се враќаат дома од Сирија и Ирак.

„Не сакаат да преземаат никаков ризик, освен да ги обвинат. Јас мислам дека тоа е голем проблем, дека ние како општество не прифаќаме ризик во смисла дека нема политичка волја, волја во јавноста за да се преземе поголем ризик во донесувањето политички одлуки и тоа навистина ги ограничува нашите можности“.

XS
SM
MD
LG