Линкови за пристапност

Менталните болести и насилството со оружје


Омар Матин
Омар Матин

Медиумите и лидерите во САД го поврзуваат насилството со огнено оружје со менталните пореметувања, но нова студија сугерира поинаков пристап

Новинарите се` уште не знаат ништо дефинитивно за менталната состојба на Омар Матин, 29 годишникот кој отвори оган во ноќен клуб во Орландо, Флорида убивајќи 50 лица, најлошо масовно убиство во историјата на САД.

Но во интервју за „Вашингтон пост“, неговата поранешна сопруга Ситора Јусуфи го опишува Матин како „нестабилна личност“ која кога „ќе дојде дома ќе започне да ме тепа.“

Оваа најверојатно повторно ќе ја разгори дебата како да се држи оружјето настрана од криминалците и ментално болните.

Кога претседателот на САД, Барак Обама во јануари годинава се појави на телевизиската мрежа „Си-Ен-Ен“ да зборува за контролата на оружјето, претставник на органите на редот кажа дека „вистинскиот проблем“ во спречувањето на насилството со огнено оружје лежи во тоа како криминалците и „оние со ментални проблеми да ги следат законите“

Американското раководство ги поврзува менталните болести и убиствата од огнено оружје. Претседателот Обама предложи 500 милиони долари за да ја прошири програмата за третман на ментално болните лица во обид справување со масовните убиства и насилството со огнено оружје.

„Можеме да согледаме конзистентно дека причината за овие напади се менталните болести“ кажа спикерот на Претставничкиот дом, Пол Рајан.

Истражувањата сепак покажуваат дека не постои поголема веројатност дека лицата со ментални болести, вклучувајќи ја шизофренијата, биполарно растројство и тешка депресија ќе земат оружје и ќе убијат некого, отколку тоа да го стори нормална личност.

Мал процент на насилство со огнено оружје

Бет Мекгинти е професорка на Школата за јавно здравје на Универзитетот Џонс Хопкинс. Таа само што ја заврши нејзината студија која покажува дека повеќето луѓе со ментални пореметувања не се насилни кон останатите и дека менталното здравје не е фактор во повеќето случаи на насилство со огнено оружје во САД.

„Дури и да имаме совршен систем за ментално здравје, и на секого на кому му е потребен, добие ефективен третман, најверојатно ние со тоа би спречиле од три до пет проценти од насилството со огнено оружје, а 95 до 97 проценти од случаите сепак ќе се случат“ вели Мекгинти во интервју за Гласот на Америка.

Пропуст во барањето други причини

Еден од проблемите со таквиот пристап е ако напаѓачот имал ментални проблеми, луѓето престануваат да мислат за другите можни причини.

Пол Џинфридо, претседател на застапничката организација „Mental Health America“ вели дека очекуваната реакција не од корист на никого. „Ако ја исклучиме можноста дека автоматски станува збор за ментална болест тоа ќе ни даде можност размислиме за други можности.“

Џинфридо и Мекгинти се согласуваат дека со верувањето дека менталните болести се поврзани со насилството со оружје помага само во создавање стереотипи кон луѓето кои ги имаат тие болести, и станува се потешко за нив да добијат соодветен третман.

Експертите се согласни дека причините за насилството со огнено оружје не се истражени доволно и дека треба да бидат студирани во контекст на јавното здравје, за да се спречат убиствата со огнено оружје, или во најмала рака тие да бидат намалени.

XS
SM
MD
LG