Линкови за пристапност

Расте глобалната трговија со оружје


САД продолжуваат да ја носат титулата најголем извозник во светот

Минатата година, во светски рамки, особено во регионот на Блискиот Исток САД продале оружје и опрема во вредност од околу 23 милијарди долари, стои во најновиот извештај на „ИХС Џејн“, водечка глобална организација коja ги следи овие трендови.

Консултантската фирма во нејзиниот годишен „Извештај за глобалната одбранбена трговија“ вели дека светскиот пазар за оружје во 2015-та година пораснал за 6.6 милијарди долари, до вкупна вредност од 65 милијарди долари.

Годинешниов американскиот извоз од околу 23 милијарди долари е зголемување за 10 милијарди споредено со сумата наведена во извештајот од 2009-та година.

„Глобалниот одбранбен пазар никогаш немал таков голем раст, каков што видовме помеѓу 2014 и 2015 –та година“ вели Бен Морес, аналитичар во ИХС „2015-та беше рекордна година“

Франција во 2015-та продала оружје во вредност два пати повеќе споредено со претходната година, од 8 на 18 милијарди. Ако овој тренд продолжи, Франција ќе ја замени Русија како втор најголем светски извозник на оружје до 2018-та година.

Глобалниот раст на продажбата на оружје минатата година е резултат на растот на побарувачката во земјите на Блискиот Исток, кои се наоѓаат највисоко на листата на купувачи на оружје, со набавки од околу 21, 6 милијарди долари, вклучувајќи американска опрема во вредност од 8,8 милијарди долари.

Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати купиле повеќе од половината од оружјето набавено на Блискиот Исток, околу 17.5 проценти од глобалната трговија на оружје – вредно 11.4 милијарди долари. Тоа е зголемување за околу 3 милијарди во споредба со 2014-та година.

Саудиска Арабија е земја која купила најмногу оружје мината година. Кралството купило разни видови авиони, наведувани проектили, беспилотни летала и опрема за разузнавање и извидување, во време кога спроведува воени операции против бунтовниците во Јемен и се обидува да остане во чекор со ривалот Иран.

По постигнувањето на нуклеарниот договор и симнувањето на санкциите против Иран од страна на западните земји, земјата сака да ја обнови застарената авијација и најверојатно ќе ја зголеми трговската размена со Русија. Според извештајот Иран ќе потроши помеѓу 40 и 60 милијарди долари за да ја замени својата воздухопловна опрема.

Египет исто така ја зголемил набавката на оружје, земјата потрошила 2,3 милијарди долари, заземајќи го четвртото место по потрошени средства во светски рамки.

Јужно азиските земји кои се граничат Кина во Јужното Кинеско Море исто така ја зголемиле набавката на оружје и опрема од 2009-та наваму, и тоа за 71 проценти, во обид да се спротивстават на кинеските амбиции во спорните поморски води.

Авторите на извештајот очекуваат трговијата со оружје да продолжи да расте, и во 2016-та да достигне вкупна вредност од околу 69 милијарди долари.

XS
SM
MD
LG