Линкови за пристапност

Започна годишниот американско-кинески дијалог


Споровите во Јужното Кинеско Море и економските реформи високо на агендата на средбата во Пекинг

Американскиот државен секретар Џон Кери кажа дека САД ја повикуваат Кина и нејзините азиско-пацифички соседи да „најдат дипломатско решение“ за територијалните спорови во Јужното Кинеско Море.

Тој ова го кажа на отворањето на осмиот годишен настан познат како „Американско-кинески стратешки и економски дијалог“ во Пекинг. Неговите коментари се однесуваат на растечката загриженост во регионот на Јужното Кинеско Море од се поагресивната изградба на нови воени инсталации на ненаселените острови и гребени од страна на Кина. Тајван, Виетнам, Филипини, Брунеи и Индонезија исто така полагаат сопственост на некои од овие мали острови.

Годишно околу пет билиони долари трговска размена поминува преку Јужното Кинеско Море, за кое се верува и дека поседува значајни резерви на нафта и природен гас.

Според наводи, незадоволни од американските набљудувачки летови во воздушниот простор во овој регион, Пекинг размислува да воведе т.н. одбранбена воздушна зона за идентификација над делови од Јужното Кинеско Море, што значи дека авионите кои во иднина ќе прелетуваат над овие области ќе треба претходно да се регистрираат кај кинеските власти. За време на вчерашната посета на Монголија, Кери кажа дека таква акција би била „акт на провокација и дестабилизација.“

Кери го искористи отворањето на настанот да подвлече неколку „нови важни настани во соработката“ помеѓу Вашингтон и Пекинг, вклучувајќи ги климатските промени, глобалните здравствени предизвици, борбата против ширењето на нуклеарното оружје, вклучувајќи ги неодамнешните заострени санкции кон Северна Кореја за нејзината нуклеарна програма.

Во говорот на отворањето, кинескиот претседател Ши Џинпинг кажа дека за двете нации е важно по разликите да постапуваат на „прагматичен и конструктивен начин.“

XS
SM
MD
LG