Линкови за пристапност

Балабан потврдена учесничка на Летните олимписки игри


Најдобрата македонска стрелачка очекува да постигне значајни резултати

Охриѓанката Нина Балабан е првиот македонски спортист кој ќе учествува на Летните олимписки игри во Рио де Жанеиро годинава.

„Да се биде олимпиец, е посебно чувство, затоа што учеството во Олимпијада е врвот во кариерата на секој спортист“, истакна Балабан.

Додава дека олимписки вредности, фер играта која владее, толеранцијата, запознавањето на култури и новите пријателства се нераскинлив дел од Олимпијадата.

„Моите очекувања се секако да го дадам својот максимум, како и секогаш досега и се надевам дека ќе постигнам значајни резултати. Подготовките траат веќе полни две години. Од втори јуни, заминувам за Нови Сад, Србија, каде ќе се подготвувам со српската олимписка репрезентација. Како што ми е најавено, ме очекуваат секојдневни тренинзи од по осум часа, откри младата и амбициозна спортистка, која според Македонскиот олимписки комитет (МОК) е „гордост на Охрид“.

Претседателот на МОК, Васил Тупурковски денес од Охрид порача дека е уверен дека младата стрелачка Балабан ќе постигне резултат кој ќе биде вреден за паметење:

„На младите кои се занимаваат со спорт можам да им препорачам да тренираат, да се надеваат на добро, да знаат дека во спортот има и порази и победи и им посакувам да стигнат до Олимпијада, како и охриѓанката Нина. Македонскиот Олимписки Комитет застанува зад Нина Балабан со сериозна поддршка.“

МОК во изминатиот период максимално ги поддржуваше нејзините настапи како олимписки стипендист, при што таа оствари „MQS“ резултат, односно минимален резултат за добивање на покана од страна на Меѓународниот Олимписки комитет за учество на Летните олимписки игри во Рио де Жанеиро, во 2016-та година.

XS
SM
MD
LG