Линкови за пристапност

Импликациите на Транс-јадранскиот гасовод


За Балканот и за Италија, тој би можел да има реално влијание врз намалување на економска и политичка зависност од Русија

На 17-ти мај започна изградбата на Транс-јадранскиот гасовод (ТАП) кое означи почетокот на нова фаза во зголемување на диверзификацијата на европските енергетски доставки.

Сепак, аналитичарите велат дека Европа мора да стори повеќе отколку само да ја зголеми понудата, со цел да воспостави поголема енергетска независност.

Гасоводот ТАП е дел од Јужниот гасен коридор. Неговите поддржувачи тврдат дека тој ќе ја подобри европската енергетска безбедност и ќе ја намали зависноста на Европа од руски гас. Противниците, на мислење дека проектот е симболичен, со мало влијание врз севкупното европско снабдување со енергија.

Гасоводот е долг 878 километри и со дијаметар од 1,2 метри. Највисоката географска точка на гасоводот ќе се наоѓа на 1.800 метри во Албанија, а најниската точка ќе биде на 820 метри под морското ниво, во Јадранското Море.

Гасоводот вреден 4,5 милијарди долари ќе започне со работа во 2020-та година и ќе испорачува гас од полето Шах Дениз 2 во Азербејџан до крајната цел, јужниот дел на Италија и ќе поминува преку Грузија, Турција, Грција и Албанија.

Со почетен капацитет од 10 милијарди кубни метри годишно, ТАП ќе ја задоволи потрошувачката на енергија на околу седум милиони домаќинства во Европа. Постојат планови таа количина да се зголеми двојно, со додавање на две компресорски станици и пронаоѓање на нови извори на гас, надвор од Шах Дениз 2, во поширокиот регион на Каспиското море.

Со можноста за понатамошна диверзификација на европските енергетски извори, гасоводот има силна поддршка од Европската унија, БП, италијанската компанија СНАМ, и азербејџанската енергетска компанија СОКАР, кои се три најголеми инвеститори во гасоводот, секоја со по 20 отсто од акциите.

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) вети голема поддршка, и е најголем кредитор, со околу 1,7 милијарди долари во кредити.

Во интервју за Ројтерс, управниот директор на банката задолжен за енергетски прашања, Рикардо Пулити рече дека банката ќе одвои околу 550 милиони долари, што ќе биде најголемиот заем во историјата на ЕБОР, и ќе се обиде да преговара за повеќе од 1,1 милијарди долари кредити од други банки.

Се чини дека развојот на јужниот гасен коридор не е` само цел на ЕУ, но и грижа за Русија. Во времето кога Западот го промовираше гасоводот Набуко, Русија го предложи Јужен тек, кој требаше да пренесува руски гас преку Црното Море до Бугарија. Овој проект не успеа, во голема мера поради некомпатибилноста со прописите на ЕУ.

Рускиот енергетски гигант Гаспром предложи уште еден гасовод, Турски тек – кој исто така не успеа да прерасне во одржлив проект.

Гаспром сега се обидува да го оживее т.н. „Гасовод Посејдон“ за поврзување на Турција, Грција и Италија, кој ќе има капацитет од 8 милијарди кубни метри годишно.

За време на својата посета на Грција кон крајот на месецов, рускиот претседател Владимир Путин, најверојатно ќе изврши притисок врз грчката влада за поддршка на Посејдон.

Некои експерти веруваат дека ТАП едноставно нема капацитет да ја намали зависноста на Европа од рускиот гас. Во 2015-та година, Гаспром обезбеди 31 отсто од потребите на гас на Европската унија, што е околу 15 пати поголема количина од капацитетот на ТАП. Но, дури и мала количина, може да има значително влијание на цената.

Додека во голема мера западноевропски земји се` уште зависат од рускиот гас, повеќето разгледуваат и други алтернативи како Норвешка и Северна Африка.

Но, за Балканот и за Италија, ТАП ќе биде повеќе од симболичен - тој би можел да има реално влијание врз намалување на економска и политичка зависност од Русија.

XS
SM
MD
LG