Линкови за пристапност

За чист Охрид не се потребни пари

  • Сашо Митан

Млади волонтери на организацијата „Чист Охрид“ доброволно организираат акции за чистење на локациите со шут во градот

Глигор, Илија, Мартин... Ги има уште, а меѓу народот се веќе добро познати како членови на неформалната организација „Чист Охрид“, која работи на организирање акции за зачувување на природата.


Бунтовноста, која произлегува од нивните години, успеале да ја насочат кон нешто убаво и корисно за градот во кој живеат, па овие млади луѓе станаа пример за возрасните.


„Кога се работи за добра цел, во нашиот случај чистење на одредени локации низ градот, мислиме дека во изминатиов период покажавме дека не се потребни многу средства, посебно организирање, ниту пак да се чека одобрување. Треба само волја и малку слободно време“, велат овие членови на организацијата.

Објаснуваат дека сите се подеднакво ангажирани во одредување на локациите каде ќе чистат. Одбираат точка во градот и почнуваат.

„Самите одредуваме каде ќе се чисти, а некогаш може да чистиме и по сугестија на граѓани, кои ќе ни’ посочат одредено место. На почетокот кога се формиравме чистевме секоја наредна недела, сега чистиме обично секоја втора, или можеби и трета недела, во зависност од временските услови“, раскажуваат младите активисти на „Чист Охрид“.

Организацијата постои околу шест месеци, и во неа сега активно работат 15-тина млади Охриѓани. Велат дека нивната цел е да се подигне свеста кај граѓаните за зачувување на животната средина, што се одразува и врз здравјето на луѓето.

„Во регионот има многу градежен шут и друг цврст отпад кој треба да се расчисти, за што се известени надлежните служби. Градот тоа не го заслужува. Охрид е убав и сакаме да биде целосно чист. Сепак, како туристичко место, сметаме дека градот треба да е беспрекорен. Сакаме Охрид да биде иделно чист“, додаваат тие.


Среќни се оти организацијата се шири со секоја акција, по која се приклучуваат се`поголем број волонтери со заедничка цел - чиста животна средина за сите.

XS
SM
MD
LG