Линкови за пристапност

ЕУ преку својот амбасадор во Македонија, Аиво Орав денеска изрази загриженост поради одолговлекувањето на решението за излез од длабоката политичка криза

Минатиот месец го видовме и самиот леден брег кога беше донесена одлуката за аболиција. Нема време за губење. Тешки и сериозни одлуки треба да бидат донесени денес, утре од тие што се одговорни за ситуацијата, така што заедно ќе одиме напред. ЕУ е тука ако ви треба нашата помош, рече Аиво Орав, амбасадор на ЕУ.

Тоа се неговите зборови со кои се опишува ќор сокакот во кој западна државата во опструкции, одлагања и не имплеметација на договореното.

Преговорите меѓу четирите партии потписнички на договорот од Пржино се во тек со посредство на амбасадорите на ЕУ и САД, но засега не се откриваат детали за нивниот тек.

Запрашан за текот на преговорите амбасадорот на САД, Џес Бејли кусо рече: „Остануваме во комуникација со политичките партии“.

Повеќе за текот на овие преговори не сакаше да соопшти ниту амбасадорот на Холандија, чија земја е претседавач на ЕУ.

Се надевам дека лидерите ќе најдат мудрост и храброст да најдат решение. Се надевам и дека сите меѓународни напори ќе придонесат за решение. Но на крајот тоа е одлука на самите политички лидери, изјави Вилијам Ваутер Пломп, амбасадор на Холандија.

Претставниците на партиите молчат, со исклучок на Зоран Заев кој денеска рече дека нема преговори туку само консултации на претставниците на меѓународната заедница со лидерите на политичките партии:

„Тоа се случува зошто рековме преговори ќе има кога ќе се укине аболицијата и кога ќе се свика Собранието за да се одложат изборите се до исполнување на условите за одржување на регуларни, фер и демократски избори. И нема мрдање од таа работа“, изјави лидерот на СДСМ Зоран Заев.

Тој вели дека за ова и во партијата и коалицијата и кај странците и кај другите партии се повикани на помош уставни експерти, правни експерти.

„Во сите овие разговори последните денови, едно прашање е апсолвирано: На 5-ти јуни избори не може да има! И нема да има избори. Можно е ВМРО-ДПМНЕ утре да поднесе листи, можно е. Но, избори на 5-ти јуни нема да има. Зошто? Заради тие граѓани што ги гледате на улиците ширум Македонија. Не заради Заев, заради било кој од нас овде присутните. Заради граѓаните,“ изјави Зоран Заев претседател на СДСМ.

Во меѓувреме се очекува во Македонија да пристигне новоименуваниот специјален претставник на официјален Берлин, Јоханес Хајндел. Датумот на неговото пристигање во Македонија не е соопштен но се знае дека тој пред доаѓањето во Скопје е на консултативни средби во Берлин, Хаг, Атина и Вашингтон.

XS
SM
MD
LG