Линкови за пристапност

Демонстрации ширум Македонија


Во Скопје се демонстрираше против власта, а во Битола покрај протестите имаше и контра-протести за поддршка на власта.

Како во претходните пет денови, и попладнево граѓанските протести во Скопје започнаа во 18 часот пред Специјалното јавно обвинителство, за да и се даде поддршка на оваа институција.

Групата од 10.000 граѓани, дојде пред Собранието, потоа низ Триумфалната порта - која е едно од најважните обележја на контроверзниот проект на актуелната власт - „Скопје 2014“ се упати кон централниот градски плоштад. Објектот од демонстрантите беше гаѓан со јајца и боја, потоа тие се упатија кон Министерството за култура, кое е главниот финансиер на оспоруваниот проект кој чинеше над 600 милиони евра, и на крај да стасаат пред Владата.

Демонстрантите бараат повлекување на одлуката на претседателот Иванов за сопирање на постапките против 56 политичари, главно од власта, за кои СЈО покрена обвиненија. Tие исто така бараат неотповиклива оставка на претседателот Иванов, повлекување на одлуката за одржување на парламентарните избори на 5 јуни, вклучување на независни претставници на граѓанското општество во процесот на решавање на кризата, и формирање на преодна влада што ќе ги спроведе реформите кои се наведени во „Извештајот на Прибе.“

Денес протести имаше и во Битола каде провладината организација Граѓанско движење за демократска одбрана на Македонија (ГДОМ), организираше и контра-протести. Исто така се протестираше во Штип, Кочани и во Велес.

XS
SM
MD
LG