Линкови за пристапност

Бејли и Орав: Политичките лидери имаат одговорност пред граѓаните


Прочистување на Избирачкиот список, спречување на било каква форма на заплашување или притисок врз гласачите, и обезбедување на фер - медиумско покривање, побараа амбасадорите на САД и на ЕУ

„ЕУ и САД ги поддржуваат сите партии и другите учесници во процесот во нивната работа за создавање на услови за кредибилни избори. Ова подразбира прочистување на Избирачкиот список, спречување на било каква форма на заплашување или притисок врз гласачите, и обезбедување на фер - медиумско покривање. Извесен прогрес е направен на овие полиња, но останува уште многу работа“, се вели во заедничката изјава на амбасадорите на САД и на ЕУ, Џес Бејли и Аиво Орав, кои ги повикуваат политичките лидери во Македонија да го спроведат во дело документот што потпишале и да обезбедат услови за кредибилни избори.

Според амбасадорите, подготовките за организација на кредибилни избори се одговорност, не само на државните институции туку и на политичките партии, и тие истакнуваат дека на 6 април беше пропуштена една таква можност.

„Политичките лидери на оваа земја имаат одговорност пред своите граѓани да ја вратат земјата назад на евроатланскиот пат, преку спроведување на нивните политички договори и на итните реформски приоритети, се вели во заедничката изјава на амбасадорите на САД и на ЕУ.

„Заедно со другите меѓународни партнери, ЕУ и САД ќе продолжат да поддржуваат демократски развој, што вклучува и избори. Ја поздравуваме работата на Државната изборна комисија, како и напорите на граѓанското општество во унапредување на оваа цел. Одблиску ќе ги следиме случувањата и ќе продолжиме да ги споделуваме нашите гледишта“, порачаа амбасадорите Бејли и Орав.

XS
SM
MD
LG