Линкови за пристапност

Мигрантската криза и туризмот во Македонија


Туризмот и бегалската криза
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:58 0:00

Некои туристички работници сугерираат владата да испрати позитивни информации за безбедноста во државата, зашто веќе има откажувања

Иако процентот на странски групи кои ги откажале аранжманите за Македонија поради мигрантската криза е мал, повторното ескалирање на овој проблем може да се одрази негативно врз туризмот во земјава, сметаат дел од туристичките работници. Љупчо Јузмески, туристички водич од Охрид, вели дека лично нему му се случило да му откаже група со полски туристи кои последните неколку години се едни од побројните покрај Охридското езеро.

„Се поставуваат прашања - како стоите со мигрантската криза?. Но има и групи кои откажуваат поради тоа. Лично мене ми откажаа православни Пољаци од Северна Полска кои имаа седумдневна тура низ манастирите низ Македонија. Ми откажаа затоа што биле уплашени поради мигрантската криза.Тие не не` прашуваат само нас. Тие прашуваат и во Грција бидејќи се потенцијални гости и во Грција, Бугарија и Србија. Тие се засегнати од Балканот, го следат патот на мигрантите.“, вели Јузмески.

Претседателот на Хотелската асоцијација на Македонија-Хотам, Крсте Блажески, за Гласот на Америка на македонски јазик вели дека мигрантската криза не влијае добро врз туризмот. Иако резервациите засега течат добро и се на ниво од минатата година, Блажески вели дека не можат да кажат како ќе се одвиваат работите после два или три месеци.

„Вие, ако сте турист и треба да патувате во некоја држава, прво што ќе ви пречи се зборовите 'тероризам' и 'бегалци'. Тоа се многу небезбедни работи. Ако избувне нешто, а телевизиите ќе мора да го прикажат тоа насекаде, гостите пред да резервираат на таа дестинација многу ќе помислат. Има неколку групи кои имаат откажано и претежно се тоа групи кои патуваат со автобуси затоа што треба да се движат низ Македонија. Штом откажале, можно е да поминуваат по некои од тие патишта, и поради безбедност на своите гости откажуваат“, вели Блажески.

Според Блажески, мора да се испраќаат позитивни информации од страна на сите што се вклучени во туризмот како и од страна на државните институции дека туристичките центри во Македонија се безбедни за посета. Инаку до почетокот на туристичката сезона остануваат уште два месеци, првите групи туристи од Холандија и Белгија се очекуваат веќе во средината месец мај.

Последните неколку месеци низ територијата на Македонија поминаа стотици илјади мигранти од Сирија, Ирак, Авганистан и други држави, на пат кон Западна Европа.

XS
SM
MD
LG