Линкови за пристапност

Манипулации со измачените бегалци и мигранти

  • Синиша Станковиќ

На грчко - македонската и на македонско - српската граница денес е мирно

Со засилено полициско и воено обезбедување, на грчко -македонската денес е мирно, откако, според медиумските сведоштва на жителите на селото Моин, до доцна во ноќта, бегалците и мигрантите кои вчера илегално ја преминаа границата, газејќи ја надојдената Сува Река, биле пренесувани до прифатниот камп, и оттаму назад на грчка територија, во кампот кај Идомени.

Вчера над 2.000 лица кои го напуштиле кампот во Идомени, по неколку часа пешачење долж границата, нелегално влегоа во Македонија, а меѓу нив имало и шеесетина новинари и десетина волонтери кои ги придружувале бегалците и кои се прекршочно казнети за нелегалниот премин на границата, со парични казни во противвредност од 250 евра. Дел од фоторепортерите поминале неколку часа во полициската станица, но велат дека односот на полициските службеници кон нив бил културен.

Припадниците на македонските безбедносни сили пак, денес неофицијално изјавуваат дека немало проблеми при враќањето на илегалните минувачи на границата - во Грција, оти тие се помириле со судбината дека нема да им биде дозволено да продолжат понатаму кон земјите од ЕУ.

Македонските медиуми денес објавуваа стории дека доаѓањето на над 2.000 во Македонија, сепак, било организирано, зашто кај дел од лицата кои се вратени назад, биле пронајдени летоци со упатства и мапи на теренот за пронаоѓање на илегалните премини. И покрај медиумските шпекулации, ни од грчка, ни од македонска страна нема официјални информации за потеклото на летоците во кои се вели, меѓу другото, и дека „оние кои ќе успеат да стигне илегално во некоја друга држава на Централна или Источна Европа, ќе можат таму и да останат, а дека Германија ќе ги прифаќа само бегалците уште еден период“, како и дека е можно - „логорот кај Идомени да биде евакуиран, а бегалците и мигрантите да бидат пренесени во друг грчки логор или во Турција.“

Иако грчките власти навистина најавија дека постепено ќе се празни кампот во Идомени и бегалците и мигрантите ќе се префрлаат во други прифатни центри, тој процес засега оди бавно и во Идомени се уште во нехумани услови, под шатори се сместени околу 14.000 луѓе, а од друга страна, иако грчкиот премиер Алексис Ципрас потенцираше дека е „исклучено повторно отворање на Балканската рута“, а италијанската Влада и Европската комисија се подготвуваат за можното отворање на нови бегалски коридори преку Јадранот, со измачените бегалци и заглавените мигранти на Балканскиот коридор, лесно се манипулира.

„Ако се движите во помали групи, ќе бидете уапсени од страна на македонската полиција или армијата и вратени во Грција. Но, ако илјадници од вас се обидат истовремено да ја преминат границата, полицијата нема да може да ве запре“, стои во „упатството“ од летокот кој им бил делен во Грција на мигрантите и бегалците.

По повод актуелната ситуација, Советот за безбедност на Република Македонија, на чие чело е претседателот Ѓорге Иванов, вечерва ќе расправа за состојбата во државата.

XS
SM
MD
LG