Линкови за пристапност

Трамп и Клинтон во водство во„супер вторникот“


Републиканските кандидати се надеваат да одржат чекор со Трамп, кај демократите Хилари Клинтон го зголемува водството пред Берни Сандерс

Трката кој ќе биде следниот претседател на САД го има најважниот ден досега, „супер вторникот“ каде кандидатите се натпреваруваат во 11 сојузни држави. Оние кои заостануваат во анкетите се надеваат дека ќе фатат чекор со фаворитите кои веќе водат со двоцифрена разлика.

„Супер вторникот“ е многу важен за републиканските кандидати по победата на бизнисменот Доналд Трамп во три сојузни држави, и водството во анкетите во 10, од 11-те држави каде се гласа во „супер вторникот“. Трамп заостанува само во јужната американска сојузна држава Тексас, каде сенаторот Тед Круз се надева на победа во својата матична држава.

Клучот нема да биде во тоа во колку држави ќе победи Трамп, туку каков резултат ќе освојат Тед Круз и неговиот колега, сенаторот Марко Рубио, бидејќи бројот на потребните делегати за да се обезбеди претседателската номинација на овие избори се доделуваат пропорционално.

Според анкетата на „Си-ен-ен/ОРЦ“ објавена вчера поранешната државна секретар Хилари Клинтон ја зголемува предноста во однос на сенаторот од Вермонт, Берни Сандерс со 55 наспроти 38 проценти. Клинтон исто така има огромно водство во досега освоените делегати.

Истата анкета покажува дека 49 отсто од републиканците го поддржуваат Трамп, повеќе од останатите четири предизвикувачи заедно. Најблизу до него е Марко Рубио со 16 проценти поддршка, а потоа следат Круз со 15 проценти.

Други национални анкети спроведени изминатата недела покажуваат поддршка за Трамп нешто помалку од 40 отсто, а за Рубио и Круз околу 20 проценти.

XS
SM
MD
LG