Линкови за пристапност

Македонија не ја затвора границата и нема да отвора бегалски кампови

  • Синиша Станковиќ

Иако властите тврдат дека нема да се градат кампови, не може да се предвиди разврската на последната одлука за нова селекција на бегалците

Македонија нема за цел да ја затвори јужната граница, но нема да се дозволи ниту да биде претворена во тампон-зона, ако земјите од транзит- зоната или „Балканската рута“, донесат рестриктивни мерки што со домино ефект ќе влијаат и врз ситуацијата со бегалската криза во Македонија. Според дел од медиумите, ова бил ставот на брифингот на министерот Никола Попоски, кој пред дел од новинарите потенцирал и дека во Македонија нема да се градат бегалски кампови, ниту ќе има изградба на центри за подолг престој, според препораките на УНХЦР, затоа што бегалците кои минуваат низ Македонија, доаѓаат од Грција која е безбедна европска држава. Планот на македонските власти не е затворање на границата, туку детален скрининг на легитимните баратели на азиланти, а оградите долж границата треба да ги спречат нелегалните минувања на мигрантите.

Во четвртокот во Загреб претставниците на полициите на земјите од „Балканска рута“ договориле нов начин на профилирање и регистрирање на бегалците кои од Грција влегуваат во Македонија, каде што ќе се врши нивно профилирање и регистрирање. Според новите усогласени критериуми, по балканскиот коридор ќе се пуштаат само бегалци од воените жаришта во Сирија.

И додека на обете страни од македонско-грчката се сменуваат со блокади незадоволните македонски превозници и таксисти и грчките земјоделци, од вчера, Македонија е соочена со нов проблем со околу 600 бегалци од Авганистан, кои се блокирани кај преминот Табановце на македонско-српската граница. Официјално нема одговор зошто Хрватска и Србија го сменија третманот кон лицата од Авганистан, кои заедно со

лицата од Ирак и Сирија, досега беа пропуштани како бегалци од краишта зафатени со војна. За вратените Авганистанци, единствено образложение е дека лицата навистина потекнуваат од Авганистан, но подолг период престојувале во друга земја, што значи дека животите не им биле директно загрозени од воени дејства, па Хрватска и Србија ги враќаат назад. Тоа секако ќе предизвика блокирање на лицата од Авганистан и на јужната македонска граница со Грција, каде чекаат повеќе од 4.000 луѓе, меѓу кои сигурно има и лица од Авганистан, да преминат во Македонија.

Во меѓувреме, транзитниот центар во Табановце е полн, хуманитарните организации делат храна и облека, а волонтерите во центарот во Гевгелија, наоѓаат време и да ги забавуваат децата.

Не може да се предвиди разврската на последната одлука за нова селекција на бегалците. Според Мохамед Ариф, претставник на УНХЦР Македонија, со евентуалното затворање на границите, можеме да очекуваме многу страдање за бегалците”. Тој за агенцијата „Анадолија“ вчера изјави дека тоа би влијаело и врз состојбата со бегалскиот тек од Грција кон Македонија.„Државите се тие кои одлучуваат како да ги управуваат своите граници, но мораат да имаат на ум дека, кога ќе направат затворање на граница, треба да знаат како тоа ќе се одрази на човековите права, на лицата пред кои ја затвораат границата. Не смее да се случи да се повредуваат човековите права на лицата кога се

случуваат такви мерки", предупредува Ариф, кој побара помош од меѓународната заедница за Македонија, потенцирајќи дека „македонската Влада и македонскиот народ со ограничените ресурси што ги има, со помош на УНХЦР, УНИЦЕФ, и другите агенции на ОН и другите невладини организации од земјава, обезбедија помош за преку 700 илјади бегалци коишто поминаа низ земјава, тоа треба да се признае“.

Македонија се уште ги чека ветените европски пари за справување со кризата, а досега потрошила над 10 милиони евра за бегалците и мигрантите.

XS
SM
MD
LG