Линкови за пристапност

Родова застапеност во политиката во Македонија


Националниот демократски институт веќе подолго време работи на промоција на учеството на жените во политиката, поврзувајќи се со партнери од граѓанското општество и политичките партии. Жените во политичка улога придонесуваат на уникатен начин на функциите за кои се избрани, смета Сара Беди, програмски менаџер во организацијата:

„Досега имаше голем број истражувања на јавното мислење и од националните анкети се гледа дека поголемиот дел од граѓаните на Македонија не го сметаат полот како фактор при избор во гласањето.“

Таа објаснува дека постигнувањето на зголемена партиципација на жените во политичките процеси не е цел сама по себе, туку целта е да им помогне на жените да соработуваат меѓу партиски.

Република Македонија од моментот на воведување на родовите квоти го подобри степенот на вклученост на жените во политиката, смета потпретседателката на Собранието Рената Дескоска од СДСМ која вели дека се` уште има простор за постигнување на целосната и полна афирмација на жените:

„Кога зборуваме за квоти кои одредуваат една третина, секако дека тоа не е доволно. Во преговорите за изборниот законик, СДСМ предлагаше да се зголеми квотата за учество на жените на 40 проценти, што ќе овозможи повеќе жено во рамки на парламентот и секако во локалните совети. Тоа не беше прифатено од другите политички партии, и остана постојната квота.“

Нора Алити од Демократската унија за интеграција вели дека има простор за подобрување на застапеноста на жените, но мисли дека оваа тема не треба да остане исклучително женска.

„Мислам дека и мажите треба да зборуваат за тоа, бидејќи не е само математика и логика за да се има 50 проценти жени. Има економска и политичка смисла. На крајот на краиштата придобивките од родовата еднаквост во политиката би биле придобивки на целото општество.“

Националниот демократски институт го поддржува македонскиот Женски парламентарен клуб кој има своја законодавна агенда, и кој дал голем придонес во востановената родова квота.

НДИ исто така има програма за обука на жени лидери, а една од сесиите се одржа неодамна во Македонија.

„Соработуваме со 16 различни политички партии за да помогнеме во обуката на жените лидери на претстојните избори. Неодамна имавме обука во Охрид со учество на 91 жена од 16 политички партии од целиот политички спектар кои работеа на унапредување на своите лидерски вештини, вели Беди.

Од Националниот демократски институт велат дека ги ставаат во функција сите расположливи ресурси за да помогнат што е можно повеќе жени да се најдат на избирачките листи на следните избори во државата.

XS
SM
MD
LG