Линкови за пристапност

Фридом хаус: Слободата во Македонија со тренд надолу


Годишниот извештај „Слободата во светот во 2016-та“ ги рангира земјите според состојбите со политичките права и граѓанските слободи.

Македонија, Босна и Херцеговина и Косово во 2015-та страдале од парализирачка нефункционалност на нивните влади, што ги уназадиле демократските придобивки и приклучувањето кон ЕУ го направило далечна перспектива. Ова стои во најновиот извештај на Невладината организација на Фридом хаус со седиште во САД, што денеска го објави годишниот извештај „Слободата во светот во 2016-та“.

Во извештајот на организацијата се наведува дека Македонија бележи надолен тренд поради натамошните разоткривања на големи изборни недостатоци на гласањето во 2014-та, што предизвика и бојкот на опозицијата во Парламентот. Во истиот контекст, според Фридом хаус е и` поврзаниот скандал со распространето владино прислушување на политички и верски водачи, новинари и обични граѓани.

На скалата од 1 до 7, според градација од најслободни до земји со најмала слобода, Македонија е рангирана во категоријата делумно слободна, има оценка 4, заземајќи го последното место во регионот.

Заедно со, Хондурас и Малдивите, Македонија го загуби статусот на изборни демократии.

Арч Падингтон е потпретседател и истражувач во Фридом хаус. За Гласот на Америка ги коментира причините зошто Македонија го загуби статусот на изборни демократии:

„Поради мерките кои ги презема премиерот Груевски со фактот дека изборите не се одржаа како што беше планирано, поради голема политичка поларизираност во земјата, поради генералното авторитарно владеење од владата на Груевски, поради падот на слободата на печатот, како и поради напнатоста меѓу двете етнички заедници – Македонците и Албанците“, изјави овој виш аналитичар од Фридом хаус.

Што може да ја извади земјата од оваа состојба? Падингтон со став:

„Одржување на добри и искрени избори ќе помогне во тој правец. Македонија како и другите балкански држави има аспирација за членство во ЕУ. Тоа подразбира исполнување одредени критериум. Имам впечаток дека владата која до сега беше на власт не е заинтересирана за исполнување на тие критериуми и не е заинтересирана за слободата на печатот, за корупцијата...спроведува квази-авторитарно владеење, а ЕУ тоа не го бара од потенцијалните членки. Ако земјата е сериозна за членството во ЕУ, треба да го промени курсот“, оцени Падингтон.

Извештајот натаму констатира дека владејачката партија била замешана во изборна измама, и големиот скандал со прислушување и влошувањето на политичкиот застој со опозицијата што доведе ЕУ да преземе посредувачка улога во договарање предвремени избори во 2016-та.

Во регионот најдобро котираат Словенија и Хрватска, кои имаат место во категоријата слободни држави, со оценка 1. Србија е исто така окарактеризирана како слободна држава, но има оценка 2, исто како и Бугарија - слободна со оценка 2. Косово и Албанија се делумно слободни држави со оценка 3, а Грција е во категоријата – слободни, со оценка 2.

Инаку, генерална оценка во годинешниот извештај е дека светот во 2015-та бил зафатен од кризи кои се преклопувале, што поттикнало ксенофобија во демократските држави, поткопување на економиите зависни од продажбата на природни ресурси, а авторитарните режими уште повеќе го зголемиле ударот врз опозиционерите. Сево ова придонело 10-та последователна година глобалната слобода да е во опаѓање, констатира извештајот „Слободата во светот во 2016-та“, кој го издаде организацијата Фридом хаус.

XS
SM
MD
LG