Линкови за пристапност

Ревизија на Охридскиот или сопка за Договорот од Пржино

  • Синиша Станковиќ

Што се крие зад медиумските шпекулации дека на дневен ред ќе се најде и идејата за федерализација на Македонија?

„Никола Груевски стои зад ревизијата на Охридскиот рамковен договор“, им изјави денес на новинарите пратеникот на СДСМ, Петре Шилегов, кој на прес-конференцијата пред објектот на Владата, покажа документ според кој, наводно токму Генералниот секретар на Владата побарал тема на разговорите на работните групи на партиите, при преговорите за надминување на политичката криза, да биде и анализата на Охридскиот рамковен договор.
Прашувајќи која е вистинската цел на Груевски, што ветил премиерот и кому, портпаролот на СДСМ, покажа документот со архивски печат на Владата, наводно склучен пред четири месеци, со Европскиот институт за мир, за организирање конференција за анализа на Рамковниот.

Според Шилегов, „Груевски е должен да излезе и да објасни што работи зад грбот на граѓаните, а што и да сака, доцна е. Прашање на денови е кога Груевски ќе го добие одговорот од граѓаните на единствена Македонија“.

Медиумската најава за организирање на конференција за повторна анализа на спроведувањето на Рамковниот договор, ја врати на политичката агенда, потенцијалната федерализација на Македонија, како можна разврска на кризата. И Бујар Османи од владејачката ДУИ, во медиумите изјави дека Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, на барање на Владата, преку шест работни групи го анализирал спроведувањето на договорот, меѓу другите, и во областите на децентрализацијата, употребата ја јазикот, образованието, правичната застапеност..., и дека „заклучоците ќе се дискутираат на меѓународна конференција во декември и ќе станат обврска за Владата и предмет на следење од страна на ЕУ“.

Иако владејачката ВМРО-ДПМНЕ е категорична дека е против федерализација на Македонија, во медиумите веднаш почнаа шпекулации дека ќе се пропише „гарантирана комуникација на мајчиниот јазик за припадниците на албанската заедница со централните министерства, независно од местото на живеење и неподложено на критериумот од 20% од населението на локално ниво“, односно, дека албанскиот јазик ќе стане официјален на целата територија на Македонија. Тогаш почна и жестока кампања во дел од медиумите блиски до власта, кои ја обвинија опозиционата СДСМ дека наводно подготвува терен за потенцијална федерализација на државата.

Прочитана приказна

За актуелната тема, Гласот на Америка на македонски јазик побара мислење од аналитичарот Мерсел Биљали, според кого „од Марс се гледа дека се работи за договорена ‘дежурна тема’, меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, која е профитабилна за двете партии“

„ВМРО-ДПМНЕ со тоа сака да ги заплаши македонските гласачи со можните промени, односно, дека ако промените се случат, ќе се федерализира или подели Македонија. И дека само со ВМРО-ДПМНЕ на власт – државата е сигурна. ДУИ пак, наводно незадоволна со досегашната позиција и видно девалвирана пред своите гласачи (етнички Албанци), настојува да поврати дел од загубениот рејтинг, прикажувајќи се како самокритичен субјект кој ќе бара нов рамковен договор, многу поавансиран“, ни изјави Биљали.

Тој е дециден дека таквиот договор на двете владејачки партии, „за колективна измама, нели, имавме и за претседателските избори, кога ДУИ свесна дека Албанците ќе го гласат кандидатот на опозицијата, настапи со бојкот на претседателските избори, наводно барајќи консензуален претседател. Тоа се веќе ‘прочитани приказни’ кои државата со години ја држат заробена, надвор од секаков развој и прогрес. Тоа е супститут за развојната катастрофа и за невиден криминал. Такви манипулации, за жал, се уште можат да пијат вода кај ниско едуцираниот слој на населението, кој и по ваквата хаварија, се уште верува на ‘проѕирната’ власт“.

Биљали ги повикува граѓаните и невладините организации да бидат многу поактивни за да ги демаскираат манипулациите со чувствата на граѓаните, како замена за нивните реални потреби.

„Тие треба да им ги објаснат на луѓето сите параметри по витални области, со цел да не добијат никаков ефект лагите на Владата, која својот морал одамна го има загубено, ако воопшто ја имала, или го трампала за пари. Тука, улога треба да одигра и меѓународниот фактор кој изгледа се уште го преценува нивниот капацитет да ја дестабилизираат државата. Треба што побрзо да се разоткрие што точно се случи во Куманово! Треба што побрзо ‘бомбите’ да се третираат во судска постапка, треба граѓаните да се организираат против контролираните телевизии како фабрики за лаги“, потенцира Биљали.

XS
SM
MD
LG