Линкови за пристапност

Најава за делумно затворање на границата

  • Синиша Станковиќ

„Армијата на Република Македонија и Управувачкиот комитет да ги преземат сите потребни мерки во случај на промена на ситуацијата на теренот, во смисла на можни ограничувања на протокот на мигранти во другите држави во Европа, кон кои тие се упатуваат“, е еден од заклучоците на седницата на Советот за безбедност која во саботата ја свика претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов поради безбедносната состојба на границите на Македонија, особено по терористичките напади во Париз и можните нови предизвици кои пред државата ќе ги постави повеќемесечната криза со бегалците.

Советот за безбедност изразил најостра осуда за терористичките напади во Париз и длабоко и искрено сочувство до граѓаните на Франција, а било заклучено и дека безбедносните служби реферирале за потенцијални закани со кои се соочува регионот и за мерките што македонските институции и странските, партнерски служби ги преземаат за нивно спречување.

Советот за безбедност утврдил дека досега во однос на бегалската криза, македонските надлежни институции постапувале во согласност со Законот за управување со кризи, но и дека во случај - протокот на мигранти да почне да се намалува во другите европски земји, македонската армија и Управувачкиот комитет, како крајна мерка може

да преземат и поставување на барикада со жица на местата на кои ќе се оцени дека е потребно. Затоа, АРМ добила задолжување веднаш да ги започне сите подготовки и активности за расчистување и подготовка на теренот за евентуално и можно поставување ограда.

Според соопштението од седницата, Советот за безбедност потенцира дека „поставувањето на оградата не би било во насока на затворање на границата, туку за канализирање и ограничување на протокот, во согласност со бројот на мигранти што ќе го прифатат државите во Европа кон кои тие се упатуваат“. Ограничувањето на протокот би се преземало само во крајна нужда, ако Република Македонија биде доведена во ситуација да се соочи со подолг престој на неконтролирана бројка на мигранти, на која не би имала капацитет да им обезбеди хуман третман.

На седницата, покрај претседателот Иванов присуствувале и собранискиот спикер Трајко Вељаноски, премиерот Никола Груевски, министрите за одбрана и за внатрешни работи, Зоран Јолевски и Оливер Спасовски, како и членовите на Советот Вели Креци, Фљора Кадриу, Насер Сејдини, и одделни раководители на надлежни безбедносни служби.

Според вестите од Гевгелија и од Табановце и на македонско - грчката и на македонско -српската граница, доаѓањето, транзитот низ Македонија и заминувањето на бегалците и на мигрантите од македонска територија, викендов и денес се одвива по востановениот ред од последните месеци. На социјалните мрежи имаше ретки коментари за одлуката на Советот за безбедност, се разви дебата околу поврзаноста на бегалскиот егзодус и тероризмот, но и денес, првиот ден по викендот, нема официјални реакции.

На Фејсбук е формирана страница на т.н. Граѓанска иницијатива за формирање на ограда долж границата на Република Македонија, која се залага за физичко оневозможување на влез на бегалците во државата.

На медиумската сцена внимание предизвика ставот на уредникот на опозициониот дневен весник „Слободен печат“, новинарот Бранко Геровски, кој на порталот „Плусинфо“, вчера објави колумна под наслов „Претседателе Иванов, срам да ви е!“, во која го обвини претседателот дека неговата одлука итно да го свика Советот за безбедност, „во услови кога Македонија не е соочена со непосредна безбедносна закана, непотребно ги вознемири граѓаните на нашата земја“. Според новинарот Геровски, „целта на оваа седница беше да ја проширите манипулацијата дека бегалците од Сирија и од другите арапски земји се виновни за нападите во Париз и за продорот на тероризмот во Европа, а со тоа и да ја оправдате Вашата намера да подигнете жичана ограда на македонско - грчката граница“.

Потенцирајќи дека претседателот Иванов го разочарал, Геровски во колумната му порачува дека „бегалците не се виновни за терористичките напади“, дека „и самите бегаат од теророт во својата упропастена земја“ и дека Иванов, денес е „еден од ретките државници во светот, кој со своите постапки ја поткрепува омразата кон бегалците од Сирија. Вие не ја изразувате емпатијата со која големиот мал македонски народ ја следи оваа хуманитарна катастрофа, како што искрено и без манипулации сочувствува со жртвите во Париз. Срам да ви е!“

XS
SM
MD
LG