Линкови за пристапност

Објавен извештајот за напредокот на Македонија

  • Борјан Јовановски

Македонија доби шанса да ја спаси препораката за старт на преговори за членство во ЕУ доколку ги исполни сите обврски кои произлегуваат од договорот од Пржино.

При презентацијата на годишниот извештај за напредокот комесарот за проширување Јоханес Хан кажа дека Македонија ќе има препорака за старт на преговори за членство со Европската унија кога ќе се примени договорот од Пржино. Земјата е условена со примена на договорот и напредок во итните реформи, а се најавува и нов извештај по изборите во 2016 година.

„Комисијата ѝ дава препорака на Македонија, но условена со спроведување на Договорот од Пржино и со имплементирање на итните реформи. Ова прашање повторно ќе се отвори по изборите во април 2016 година“, рече Хан.

Комесарот Хан изрази загриженост за како што рече политичкиот систем кој е поткопан од корупција.

Прислушуваните разговори во кои очигледно се вмешани високи владини функционери, ставаат на знаење дека има нарушување на фундаменталните права, мешање во судската независност, во слободата на медиумите, во изборите како и корупција", изјави утринава комесарот за проширување Јоханес Хан пред пратениците од Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент опишувајќи ја македонската криза како најсериозна од 2001 година наваму.

ЕК во текот на извештајот во повеќе наврати се повикува на прислушуваните разговори кои ги презентираше опозицијата.

Оценувајќи ја независноста на судството ЕК во извештајот вели дека прислушуваните разговори ги потврдиле сомневањата за политичките влијанија врз судскиот систем.

Во делот на слободата на медиумите ЕК констатира понатамошно назадување и изразува загриженост за нетранспарентното финансирање на некои медиуми, заканите и физичките напади врз новинари, независноста на јавниот сервис како и за распространетиот говор на омраза за кој ЕК бара да биде санкциониран.

Во делот наменет за борба против корупцијата, ЕК забележува дека не е постигнат никаков напредок изминатава година за веќе идентификуваните проблеми а корупцијата е широко распространета.

„Справувањето со овие проблеми е нарушено со недоволната политичка волја и политичкото мешање во работата на релевантните тела, со што им се наштетува на нивната способност да работат активно и неселективно, особено за високо профилните случаи, се вели во извештајот.

Во делот на економијата ЕК предупредува дека нивото на јавниот долг се зголеми значително во последните неколку години и предизвикува загриженост поради транспарентноста. Предвидувањата се дека на среден рок тој уште ќе се зголемува, со оглед на планираните инвестициски проекти, се вели во извештајот.

Уделот на Владата со економски средства остана на умерено ниво, а нејзиното влијание врз конкурентноста на приватниот сектор преку регулативи и субвенциите се зголемува, вели ЕК во оценката за состојбите во економијата. Извештајот се осврнува и на бизнис климата.

„Основањето бизнис е лесно, но излегувањето на пазарот е тешко. Честите законски измени, нерамноправната примената на законите и тешкото спроведување на договорите го оптоваруваат бизнисот, се вели во извештајот на ЕК.

XS
SM
MD
LG