Линкови за пристапност

Новите законски решенија на политичкиот договор во Македонија


Договорени се Законот за заштита на приватноста и Законот за влада, а утврдена е и композицијата на Анкетната комисија за истражување на скандалот со прислушувањето.

Четирите партии потписнички на договорот од Прижино постигнаа согласност околу две важни законски решенија – таканаречениот Закон за „бомбите“ и Законот за влада, но се договорија и за композицијата на Анкетната комисија во Собранието за истражување на скандалот со прислушувањето.

По повеќедневни преговори потписниците на „Пржино“ најдоа решение за улогата на министрите и замениците министри во новата влада.

Новите министри од редовите на СДСМ во МВР и Труд и социјална политика ги имаат сите овластувања со исклучок на контролата на имплементацијата на законите кои се однесуваат на изборниот процес. Во овие случаи министрите ќе мора да ја добијат согласноста и од замениците министри од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Обратно, замениците министри од СДСМ во ресорите, земјоделие, финансии и информатичко општество имаат право да одобрат одлуки во тие министерства кои се поврзани со изборниот процес.

„Наша цел е да бидеме дел од контролните механизми на власта, а не да владееме со нив“, изјави генералниот секретар на СДСМ кој е кандидат за министер за внатрешни работи во преодната влада.

Популарно познатиот закон за бомбите сега доби официјален наслов како закон за заштита на приватноста.

Со новиот Закон, кој по долги преговори синоќа партиите едногласно го договорија се гарантира заштита на приватноста на граѓаните согласно со Уставот и Европската конвенција за човекови права. Законот предвидува затворски казни за објавување на аудио и видео материјали чија цел е компромитацијата на приватниот живот на граѓаните. Сите други објави кои се индиции за повреда на јавниот интерес или делувања спротивни на законот се дозволени а во функција на заштита на јавниот интерес. Во тој контекст досега објавените „бомби“ на опозицијата нема да треба да бидат отстранувани од медиумите кои веќе ги објавиле.

Во законот не влегуваат материјалите кои имаат индиција или директно укажуваат на кривично дело и се од јавен интерес и ќе се однесува на прислушувањето спроведено меѓу 2008-2015 година, се вели во работната верзија на овој закон кој треба да биде усвоен од Собранието наредната недела.

Законското решение опфаќа почитување и заштита на личниот и семеен живот, политичката, религиозната и етничка припадност, како и здравствената состојба на секој граѓанин.

Тој ќе стапи на сила по шест месеци од денот на донесувањето, што значи дека опозицијата ќе има можност дел од објавените бомби да ги користи и во предизборната кампања.

Договорена е и собраниската комисија која ќе го носи името Анкетна комисија за скандалот со прислушувањето, а во рок од шест недели ќе се испитуваат сведоци. Секоја партија ќе може да предложи по тројца сведоци.

Комисијата ќе има 16 члена, со мнозинство од власта, а претседател и заменик ќе предложи СДСМ, членовите ќе имаат право на малцински извештај или таканаречено одвоено мислење.

Седниците ќе бидат јавни, освен ако не се утврди сериозна потреба да се затворат, додека во рамките на комисијата ќе има и посета на Управата за безбедност и контраразузнавање и членовите ќе може да повикаат и експерти. Извештајот на комисијата, наместо во ноември, ќе треба да биде готов во јануари, поради поместувањето на роковите од договорот.

Вчера конечно беше договорен и Законот за заштита на укажувачите и тој ќе ги штити соработниците на правдата и во државните институции и во приватните компании.

Укажувачите ќе треба да ги пријавуваат незаконските работи на своите претпоставени, доколку тие не реагираат може да пријават во соодветна институција и на крај во медиумите, меѓутоа ако проблемот е всушност самото претпоставеното лице тоа може да се скокне како прва инстанца. Укажувачите може да одат директно во медиумите, но само во случаи кога станува збор за итна опасност или некое дејство што може да предизвика голема штета.

Маратонските преговори донесоа и некои решенија за улогата на медиумите во изборниот процес, особено за донирањето средства на политичка партија и обврските за платено политичко рекламирање.

XS
SM
MD
LG