Линкови за пристапност

Нов апел до Владата да го исполни ветеното

  • Синиша Станковиќ

Претставниците на европската левица со порака до Груевски да го почитува Договорот од Пржино

Пратениците од левицата во Европскиот парламент, денес во Скопје побараа од премиерот Никола Груевски и владејачката ВМРО-ДПМНЕ да ги исполнат обврските преземени со потписот на „Договорот од Пржино“.

Џани Питела, претседател на Групата на социјалисти и демократи во ЕП и потпретседателот на групата и поранешен известувач за Македонија, Ричард Ховит, денес потенцираа дека за меѓуетничката стабилност и за европските перспективи на Македонија, единствен пат е доследното и итно спроведување на договорот, за да се создадат услови за фер и и деморкатски избори во април.

По средбата со лидерот на СДСМ, Зоран Заев тие порачаа дека „и од изјавите на ЕУ и на САД забележуваме дека одговорноста за неспроведувањето на Договорот не е во СДСМ, туку во ВМРО-ДПМНЕ. Не е доцна да се влијае на извештајот за напредок на Македонија од ЕУ, но ова се последните часови за да се постигне конечен договор. Времето е сега“.

„Повикуваме Македонија да ја покаже потребната посветеност и итно да го имплементира Договорот, на конструктивен начин и во добра волја. Ние веруваме дека спроведувањето на Договорот од Пржино е најдобриот начин за излез од оваа политичка криза“, истакна европратеникот Питела.

Опозициониот лидер Заев, на заедничката прес-конференција со гостите од ЕП, рече дека преговорите за новите министри и заменици, како и законите за „бомбите“ и „свиркачите“, се во напредна фаза, и дека тој очекува оти сепак, ќе има договор во следните неколку денови. Тој ја поздрави ангажираноста на претставниците на сестринските партии на европската левица - за решавање на кризата во Македонија - и потенцираше дека за СДСМ, сите опции се отворени, но и дека неговата партија верува во Договорот од Пржино.

„Благодарни сме, во името на граѓаните на нашата земја, за целосната поддршка на социјалистите и демократите во европските институции кои секогаш ја поддржувале Македонија, почнувајќи од поддршката за добивање на кандидатскиот статус, визната либерализација и поддршката за побрз почеток на преговорите за членство…. Оваа искрена и принципиелна поддршка на пријателите на Македонија е во интерес на сите наши граѓани... Тоа е визијата за европска Македонија. Визија за еднаквост, демократија, правда, владеење на правото, солидарност, подобрување на економијата, враќање на парите кон граѓаните, како младите луѓе да останат дома и како да ја обезбедиме европската перспектива на земјава“, рече Заев.

Како дел од договореното меѓу лидерите на четирите најголеми партии во Македонија, денес Советот на јавни обвинители го комплетираше тимот на Специјалното обвинителство, со избор на уште петмина обвинители од предложените седум, кои претходно одби да ги избере. Артан Ајро, Гаврил Бубевски, Ленче Ристовска, Трајче Пеливанов и Лиле Стефанова станаа дел од тимот на специјалната обвинителка Катица Јанева, од кој отпаднаа обвинителите Снежана Бундалевска и Дарко Јакимовски, од скопското Основно јавно обвинителство.

Така, за осум дена Јанева и официјално ќе ги преземе предметите, откако неделава Собранието без расправа го изгласа буџетот за Специјалното обвинителство кое доби и канцеларии.

По неколкудневниот прекин на преговорите кој предизвика зачестени шпекулации дека Договорот од Пржино е мртов, доекипирањето на тимот на Јанева како делумно да го враќа оптимизмот, барем во медиумите.

И едврокомесарот Јоханес Хан на конференцијата посветена на слободата на медиумите СпикАп, денес во Брисел, истакнал дека е „постигнат договор со политичките партии и дека треба тој договор за се примени на фер и директен начин до крајот на април.“ Хан порачал дека по примената на сите точки од Договорот од Пржино, би се одржале избори во Македонија и најавил дека изборите во април 2016 година, ќе бидат мониторирани од голем број набљудувачи од сите меѓународни организации и институции како ОДИХР, Советот на Европа, Европската комисија или Европскиот парламент.

XS
SM
MD
LG