Линкови за пристапност

Незири за Тетово: „Градот не се гледа од смог“


„Проблемите со коишто се соочувам јас на дневно ниво, како граѓанин на Тетово, беа причината поради која што почнав да и се обраќам на градоначалничката Теута Арифи. Целта на обраќањата, од една страна, е да се информира локалната власт за проблемите со кои што јас како граѓанин се соочувам (можно е за некои од проблемите, едноставно, да не биле информирани), но и да ги поттикнам и другите граѓани отворено да зборуваат за проблемите, затоа што тоа според мене, е првиот чекор кон решавањето на тие проблеми“, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик, активистот за заштита на човековата околина, Дамир

Незири. Тој во последниот период, како засегнат граѓанин на Тетово, на социјалните мрежи ја повикува градоначалничката Теута Арифи и бара нејзина реакција во поглед на намалување на загаденоста.

Според податоците на Интернет страницата Нумбео, која се занимава со квалитетот на животот во светските градови, во петокот на 30 октомври, Тетово бил град со најзагаден воздух во светот. Просечната дневна концетрација на ПМ 10 честичките во воздухот изнесувала 186 микрограми на метар кубен, што е речиси 4 пати повеќе од дозволената вредност. Според податоците на Нумбео, зад Тетово со индекс на загадување 101.36, на табелата на градови со најголема аерозагаденост, дента биле Каиро, Акра (Гана), Катманду и Манила.

Тетово се најде на врвот на црната листа на Нумбео, откако и според официјалните податоци на македонското Министерство за животна средина, пет последователни дена, средните дневни концентрации на честичките прав во воздухот над градот ја надминале безбедната вредност по човечкото здравје, а бројот на денови во кои граѓаните дишеле загаден воздух од почетокот на 2015, се искачил на 282 дена, иако, според нормативите, не би смеело периодот на загаденост да трае повеќе од пет недели.

Општина Тетово најави посебен сообраќаен режим за тешки товарни возила чија крајна дестинација не е градот Тетово, како и воведување на зонско паркирање во повеќе делови од градот, но остануваат проблемите врзани со густиот сообраќај, грејната сезона и ложењето дрва, како и индустриските капацитети кои не се заштитетни со адекватни филтри.

Во петокот, активистот Незири и напиша на градоначалничката Арифи:„Добар ден градоначалничке Арифи, според индексот за загадуење, денеска Тетово е најзагаден град во светот, да, да, убаво прочитавте, во светот!!! Што планирате да преземете по ова прашање? „Срдечно!“

За Гласот на Америка на македонски јазик, тој денес изјави дека смета оти властите, без разлика од кое ниво на власт треба да се одговорни, отчетни и транпарентни за својата работа во однос на граѓаните кои што ги претставуваат.

„Исто така, сметам дека граѓаните, од друга страна, треба да се отворени и да се обраќаат на своите претставници и да зборуваат за проблемите со кои што се соочуваат, а се со цел да се направи чекор кон наоѓање на најдобро взаемно прифатливо решение на тие проблеми... Во исто време, сметам дека она што навистина недостасува во нашето општество, а е суштински неопходно е воспоставување на дијалог помеѓу властите и граѓаните. Она што мора да се сфати е дека тоа што некој поставува прашања, или поднесува барања до властите, не секогаш мора да значи дека тој/таа има нешто против конкретните власти!“

Незири потенцира дека како граѓанин на Тетово би сакал да зборува и за недостатокот на кино-сала во градот, за малиот број на културни и спортски настани, за немањето на услови за рекреација...

„Но, навистина е тешко да се зборува за овие проблеми кога наутро немаш вода за да се измиеш и кога воздухот е толку загаден што можеш да го помирисаш, доволно е да се качиш до половина пат кон тетовското Кале и да не можеш да го видиш градот од смогот“, резимира Незири

Според една анализа објавена во медиумите, дури пет индикатори земени во Тетово имаат рекордна вредност во Македонија: бројот на денови со надмината 24-часовна гранична концентрација на ПМ10, годишните стапки на неспецифични респираторни болести кај училишните и предучилишните деца, процентот на микробиолошки загадени оброци во образовните установи и процентот на микробиолошки неисправни прехранбени производи.

Граѓаните на Тетово уште од октомври 2010 протестираат против загадувањето. Групата „Совесни граѓани“ тогаш протестираше против дивата депонија, делеше тегли со чист воздух и китеше елка со отпадоци, но до квалитативна промена не дојде.

XS
SM
MD
LG