Линкови за пристапност

Преговорите блокирани, загрозена и препораката за ЕУ

  • Синиша Станковиќ

Иако Македонија уште во 2001-та ја потпиша Спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ, а кандидатскиот статус го доби пред цела деценија, новата препорака најверојанто ќе биде со нови услови

„Социјалдемократскиот сојуз ќе направи сé за да успее договорот од Пржино и за да не ја изгубиме препораката од Европската унија. СДСМ останува целосно посветена на договорот и на исполнувањето на обврските кои се предвидени со него. Целосно сме посветени, кооперативни и флексибилни “, изјави лидерот на опозицијата Зоран Заев, кој сé уште верува дека договорот ќе се спроведе во дело, во целост.

Партиите чии лидери се потписнички на договорот за надминување на кризата, имаат само уште неколку дена да се договорат, додека над нив се надвива опасноста Македонија и да ја загуби препораката за членство во ЕУ. Според Заев, најновите предлози на европскиот посредник Питер Ванхауте се сублимат и на заложбите и на СДСМ, но пробивањето на роковите, треба да ги пролонгира и изборите закажани за април 2016. Според дел од македонските медиуми, Ванхауте доставил нов предлог за надлежностите на новите министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика, кои треба да ги предложи опозицијата, и за замениците министри кои треба да ги предложи власта

Но, на само неколку дена пред изјаснувањето на ЕУ за статусот на Македонија, нема никакви најави за евентуално продолжување на заедничките средби на работните групи, а медиумите во Скопје шпекулираат дека единствено се одржуваат билатерални разговори со посредникот Ванхауте, зад затворени врати. Во недостиг на официјални информации, во јавноста сé повеќе се „врти“ тезата дека Македонија ќе добие нова, но условена препорака, во најновиот извештај на Европската комисија. Во оптек се и шпекулации дека ќе дојде до „замрзнување“ на препораката, иако Македонија уште во 2001 година ја потпиша Спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ, а кандидатскиот статус го доби пред цела деценија.

Последниот рок за усвојување на новиот извештај за напредокот на Македонија за членство во ЕУ е петти ноември, а еврокомесарот Јоханес Хан за време на последниот престој во Скопје беше дециден дека седми по ред позитивен извештај, односно нова препорака за Македонија, ќе има само ако се исполнат обврските од договорот во Пржино.

Во сличен контекст е и ставот на Германија, што официјален Берлин, преку специјалниот ополномоштеник за Западен Балкан, Ернст Рајхел му го пренел на македонскиот амбасадор во Германија, а во кој се изразува загриженоста за состојбите и се бара владеачката ВМРО ДПМНЕ да покаже волја за имплементација на договорот од Пржино, а од опозиционата СДСМ да продолжи да се однесува конструктивно.

Истовремено, македонските партии продолжуваат со меѓусебните обвинувања за вината за корените на кризата, а генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски, потенцираше дека „заради иднината на Република Македонија и иднината на граѓаните - нема амнестија за било кого. И, ако мислат од ВМРО-ДПМНЕ дека можат да се пазарат за амнестија за сопствените функционери на власт, се лажат. СДСМ опстојува дека треба да се води искрена и отворена борба против криминалот и корупцијата. Тоа е заради иднината на оваа држава“.

XS
SM
MD
LG