Линкови за пристапност

Во Македонија одбележан Светскиот ден за искоренување на сиромаштијата


Билјана Дуковска од Македонската платформа за борба против сиромаштијата вели дека справувањето со сиромаштијата е секогаш политичка одлука.

„Денот за искоренување на сиромаштијата во Македонија помина тивко, исто како што е тивок гласот на граѓаните кои живеат во сиромаштија. Неколкуте поделени пакети со храна и споделување на информацијата дека Македонија, како држава, ги поддржува европските програми и светските напори во оваа борба, никако не им ја олеснија ситуацијата на речиси половина од вкупното население во државата, кое живее или во сиромаштија, или во социјална исклученост, или во материјална лишеност“, ни изјави Билјана Дуковска од Македонската платформа за борба против сиромаштијата - МППС.

По повод 17 Октомври, Светскиот ден за искоренување на сиромаштијата, што годинава одбележа под мотото „Да ја градиме својата одржлива иднина и со заеднички напори на сите да се стави крај на сиромаштијата и на дискриминацијата“, за Гласот на Америка на македонски јазик, Дуковска го истакна ставот на МППС, невладина организација која не се согласува со определбата – врз проблемите од сферата на сиромаштијата да се делува со парцијални решенија или издвоени мерки.

„Ние бараме инклузивен пристап и редефинирање на постоечките политики, со посветување внимание на социо-економските аспекти во чиј центар е индивидуата и нејзините потреби. Справувањето со сиромаштијата е секогаш политичка одлука и подготвеност да се стави крај на низа активности кои доведуваат до неа, бидејќи сиромаштијата е последица. Стратегиите за борба против сиромаштијата не треба да се сведуваат само на задоволување на минималните потреби за живот, туку да даваат можност секое лице активно да учествува во општествените процеси. За МППС е најважно да се отвори процес на директно вклучување на засегнатите во процесите на донесување одлуки кои се однесуваат на нив“, ни рече Дуковска.

Европската платформа против сиромаштија – ЕАПН, која опфаќа 31 национална мрежа и 18 европски организации, како и повеќе од 6.000 организации во Европската унија и пошироко испрати отворено писмо по повод 17 Октомври, во кое ги повика шефовите на држави и влади во Европската унија да преземат конкретни активности за искоренување на сиромаштијата, а „државите да претстават и промовираат конкретни активности во поглед на искоренување на сиромаштијата и бедата".

Во писмото се вели дека сиромаштијата ја почувствувале 121 милион граѓани во ЕУ, какои дека „стратегијата Европа2020 ги обврзува земјите членки да ги постигнат поставените цели за намалување на сиромаштијата. Новите Цели за одржлив развој на ОН ги обврзуваат владите да преземат акции со кои ќе се „стави крај на сиромаштијата".

Според Македонската платформа за борба против сиромаштијата, 28,6% од жителите на Македонија се сиромашни, а речиси триесеттина проценти од вработените примаат плата меѓу 8.000 и 12.000 денари.

„За жал, Македонија стана зависна од бројки и проценти кои само кажуваат како се зголемува државниот БДП, без притоа, да видиме како тоа влијае врз квалитетот на животот на луѓето. Додека ЕУ социјалната димензија ја проектира како инклузивност и партиципативност, македонската социјална димензија е најчесто од хуманитарен карактер. Крајно време е државата да престане да ги гледа сиромашните лица како статистичка бројка, туку да води политика во која сите граѓани се подеднакво важни“, заклучи Дуковска од МППС.

XS
SM
MD
LG