Линкови за пристапност

Македонија: Дебата за Законот за прекин на бременоста


„Тоа е директно, најбрутално и највулгарно ограничување на правниот субјективитет на жените... Овој закон е само уште еден дел од целиот напад врз жените и негирањето на нивните права и слободи, во извесни димензии, што е зачудувачки, тоа е отворено женомразење. Таква мизогинија никогаш не била присутна во Македонија, во јавните настапи, ни во политичката, ни во другите видови комуникација...“, изјави д-р Каролина Ристова Астеруд, доцент на Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Скопје, на неодамнешната национална конференција „Законските ограничувања – безбеден и легален абортус“.

По повод глобалниот Ден за акција за пристап до безбеден и легален абортус, под глобалното мото „Разобличи ги митовите – Бори се против стигмата и дискриминацијата поврзана со абортус“, конференцијата ја организираше Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – Хера.

Во октомври 2014, мнозинството судии на Уставниот суд сметаа дека оспоруваниот Закон за прекинување на бременоста не ја доведува во прашање слободата на одлучување, туку само ја уредува постапката и им ја доверува на стручните лица од комисиите. Тогаш, уставната судијка Наташа Габер – Дамјановска истакна дека законот треба да се преработи зашто е противуставен и таа имаше издвоено мислење. Но, уставниот судија Сали Мурати тогаш изјави дека „сон на секоја жена е да се омажи и да стане мајка“, и потенцираше дека ако се дозволи многу слободен закон за абортус „ќе се зголемат неверствата во бракот и другите неморални појави“.

Професорката Ристова Астеруд, една од подносителките на Иницијативата пред Уставниот суд (со ХЕРА, и во соработка со Хелсиншкиот Комитет за човекови права, Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници и Реактор – Истражување во акција) за Гласот на Америка на македонски јазик изјави дека „и за она што и најтврдите поборници против абортусот во Централна и Источна Европа го дозволуваат - абортус во случај на родоскрнавење, силување или кога се во прашање медицински забележани малформации на плодот, законодавецот во Македонија има монструозно решение“.

„Јас навистина не знам зошто не се проби доволно во јавноста вметнувањето одредба во која се вели дека некаква комисија може да одлучи и во такви случаи да и го негира правото на жената, ако смета дека е тоа во интерес на нејзиното здравје?! Значи, и во ситуации кои ги прифаќаат како компромис и ги дозволуваат и најголемите противници на абортусот“, рече таа.

И пред присутните експерти на конференцијата, универзитетски професори, адвокати и активисти од граѓанскиот сектор било изнесено и сведоштво на жена која, не добила дозвола да абортира, иако медицински било утврдено дека има плод со малформации. И овој пример, е една од причините за бројните реакции во јавноста, како експертската, така и пошироката, на ограничувањата од Законот за прекин на бременоста. Организаторот на конференцијата асоцијацијата Хера е со став дека неопходно донесување нов закон што целосно ќе го штити достоинството на жената и нејзините репродуктивни слободи и ќе биде изготвен во согласност со стандардите на Светската здравствена организација.

За актуелната законска обврска на бремената жена да поднесе писмено барање за прекин на бременоста, за предвиденото задолжително советување и периодот на чекање од три дена по советувањето, професорката Ристова Астеруд и понатаму смета дека се противуставни и силен удар врз правата на жената:

„Но, Уставниот суд одби да ја заштити репродуктивната слобода. Јас не знам пофлагрантен пример кога Уставниот суд за најшколски случај на кршење на нормите, така најдиректно да одбие да го заштити Уставот“, рече таа.

По неуспешната иницијатива за оспорување на уставноста на контроверзниот закон, д-р Ристова Астеруд денес смета дека ова требало да стане едно од првите пет изборни прашања во државата.

Таа ја обвини власта и изјави дека за разлика од Централна и Источна Европа, каде што развојот на ограничувања и на рестрикциите на правата на жените имал некаков след, „во Македонија тоа беше направено на еден кукавички и многу подмолен начин, без никаква општествена дебата. Она што е специфично за македонскиот случај е и што во Уставот е регулирано ова прашање, во смисла на дозволен, легален абортус.... И самиот закон го дефинира абортусот како дозволен, односно како медицинска интервенција за која жената одлучува“. Но, според неа, оневозможувањето на правото на жените е внесено „на мала врaта“.

XS
SM
MD
LG