Линкови за пристапност

Актерот Блум во бегалскиот камп во Гевгелија

  • Синиша Станковиќ

Амбасадорот на добра волја на УНИЦЕФ, Орландо Блум, неочекувано го посетил Транзитниот камп и разговарал со бегалците

Познатиот актер, Орландо Блум, кого филмската публика го познава од хитовите како „Пирати од Карибите“, „Господар на прстените“ и „Троја“, денес на изненадување на македонската јавност, ја посетил Гевгелија, за да се сретне со мигрантите и бегалците во Транзитниот камп.

Како амбасадор на добрата волја на УНИЦЕФ од октомври 2009, Блум, во делот од своите активности, посетува критични места во светот, погодени од војни или од атмосферски непогоди. За време на посетата на Транзитниот камп покрај пограничниот град Гевгелија, се распрашувал за причините поради кои избегале од своите земји, за односот кон нив, на властите и на обичните граѓани во земјите низ кои поминувале.

Како дел од својата почесна функција, Блум особено се интересирал за проблемите и судбината на децата бегалци, најголемите жртви на егзодусот од Сирија, но и од другите воени жаришта од светот, кои, преку Турција и Грција, стигнале во Македонија, на нивниот пат кон Западна Европа.

И покрај вчерашната неофицијална најава дека некоја важна личност од странство денес ќе ги посети бегалците во кампот, посетата на актерот била изненадување, кое успеало да ја промени и атмосферата во кампот.

Според македонските медиуми, Блум, со маичка на УНИЦЕФ, трпеливо се фотографирал со бегалците кои чекале во ред, а од платформата пред Транзитниот центар, тој испратил и еден од специјалните возови со мигранти и бегалци кон македонска граница со Србија.

XS
SM
MD
LG