Линкови за пристапност

Македонија добива специјален обвинител

  • Соња Трајковска

Законот е изгласан по брза постапка; Договорено е функцијата да ја извршува Катица Јанева

За првпат во својата историја, Македонија добива специјален јавен обвинител. Ова е предвидено со Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, изгласан денеска по итна постапка во Собранието. Договорен е рано утрово по маратонски преговори меѓу најголемите политички партии со посредство на амбасадорите на САД и ЕУ и меѓународни експерти. Исто така договорено е оваа функција да ја извршува Катица Јанева, актуелен јавен обвинител од Гевгелија чиј избор допрва ќе следи на седница на Советот на јавни обвинители.

Според овој лекс специјалис, Специјалниот јавен обвинител е со мандат од 4 години со можност за реизбор, со целосна автономија од Јавното обвинителство во истражувањето и гонењето кривични дела поврзани двата крупни случаи „Прислушување“ и „Пуч“. Законот предвидува можност обвинителот да покрене обвинение или да нареди запирање истражна постапка во период не подолг од 18 месеци од денот на преземањето на предметите. Функцијата му престанува по завршувањето на сите истраги и гонења.

Тој сам ќе си го бира тимот од соработници, експерти, советници, истражители. Ќе има сопствен буџет, што ќе го обезбеди Владата, и во рок од 30 дена од назначувањето треба да поднесе работен, персонален и финансов план.

Специјалниот јавен обвинител за неговата работа ќе одговора пред Собранието и пред Советот на Јавни Обвинители, со обврска да поднесува шестмесечен извештај, но и да ја информира јавноста за текот на истрагата и гонењето. Самостојно ќе одлучува дали му е потребна меѓународна правна помош врз основа на ратификуваните меѓународни документи. Законот веднаш ќе биде потпишан и објавен во Службен весник со тој стапува на сила.

Во текот на дискусијата за законот, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски истакна оти на ваков начин „конечно после повеќе месеци шпекулации, манипулации и лаги ќе се расчисти опозицискиот обид за дестабилизација на државата“.

За координаторот на пратеничката група на ДУИ Талат Џафери донесувањето на овој закон е, „почеток на крајот на агонијата на македонските граѓани“.

За пратеникот од СДСМ Петре Шилегов „ова е чекор кој води поблиску кон преодна влада, оставка на премиерот“ и како што рече, организирање фер избори.

Пратеникот од ДС Павле Трајанов смета дека решението не е доволно добро и оти нема да ги донесе посакуваните резултати, пред се, поради, тоа што „во него не се предвидени казнени одредби за лица или институции кои нема да соработуваат со специјалниот обвинител“.

За Роза Топузова Кароска спорна е уставноста на Законот, без оглед на тоа што произлегол од политички договор, а за пратеничката Солза Грчева, „Законот е формалност без суштина, лошо напишан и воопшто не е чекорот кој требало да биде преземен како излез од сегашната политичка ситуација“.

Беким Фазлиу пак од ДПА смета дека „ова е добар почеток“ и дека согласноста од ДПА, „е дадена по уверувањата дека сериозно ќе им се пристапи на прашањата на законските решенија кои се однесуваат на изборите“.

Овој Закон, како и изборот на Специјален јавен обвинител е втората обврска од Договорот од Пржино за излез од политичката криза во земјава, откако претходно опозицијата се врати во Собранието.

XS
SM
MD
LG