Линкови за пристапност

Ветената земја - Германија

  • Синиша Станковиќ

„Бегалците доаѓааат во бранови, гладни и исцрпени. И едно обично ’селам алејкум’ тогаш им помага. Тоа им треба, охрабрување и поддршка... “, вели германската хуманистка Александра

Полицајците на граничниот премин рутински нé поздравуваат. Со дел од фоторепортерите „другаруваат“ веќе со недели. Отспротива ни мафтаат и грчките колеги – фоторепортери и сниматели. Ни довикуваат дека и на грчката страна е „густо“ и дека ноќта ќе има неколу илјади нови минувачи на границата. Им преведуваме на полицајците кои не реагираат, само велат дека ноќва сигурно ќе врне, што е посебен проблем и за нив и за изморените бегалци, со еден самоироничен коментар на полицаецот со детско лице - дека „и така не ни се спие, свикнавме веќе“

Додека небото го параат молњи, се враќаме од границата кон Транзитниот камп, каде сите не прашуваат дали ќе има воз кон Србија. Штрајкот на македонските машиновозачи ги доведе во прашање и двата специјални воза со кои бегалците заминуваат за Србија. Но, тоа, го зголемува бројот на таксистите на улицата покрај мостот на Сува Река. „Е, што да правиш бе, братче, мора да се живее. Качам ли ноќеска четворица до Табановце, ете ти 300 евра, една месечна плата, за една ноќ, кој ти дава... Ама, нема работа, често џабе чекаме овде, тоа само ако начекаш некој ем побогат, ем постар кој не може да се бутка во возовите. Најмногу одат со автобуси за 20 евра по човек“, ми вели еден резигниран таксист.

Пред кампот – мирно. Иста слика од претходниот ден. Од претходната недела. Бегалците во групи чекаат на влез, со тоа што сега и загрижено погледнуваат кон небото. Веќе минале една дождлива ноќ.

„Само да стигнеме во Германија, таму се ќе ни биде полесно. Кој ми кажал? Па, сите велеа така, дека во Германија ги сакаат Сиријците. Живеевме во Кобани во Сирија, јас бев учителка, а сопругот ми беше бербер. Ќерка ми се вика Арија, има 9 години, а имам и два сина Ашки - 7 и Шенк – 3 години. За нивната иднина избегавме, сакаме да учат, да се образуваат, а тоа ќе можат во Германија, таму нема војна. Во Сирија е страшно, не сакаме назад“, ни зборува седната крст-нозе, на полјаната пред Транзитниот камп, младата жена која се претстави како Хина.

Само да стигнеме во Германија, таму ќе ни биде полесно.

До неа се „колегите“, Мухамед Хасан, професор по биологија и Руди Шех Мухамед, наставничка во основно училиште. Двајцата во глас, на мешавина од арапски и англиски, раскажуваат за патувањето низ Турција и Грција и за се што проживеале во последните десетина денови. За цената од 1.000 евра „по глава“, која им ја платиле на организаторите на патувањето со брод и за разликата во односот кон нив, меѓу обичните луѓе кои ги сретнувале попат и на претставниците на властите во разните држави.

Околу групата во која беа просветните работници, група Роми од Гевгелија препродава цигари и банани, рекламирајќи си ги производите на неверојатен микс од јазици. „Бујрум банани – драј еуро, може туркиш лира може, мај френд, купиш цвај цигаретен – фунф еуро. Ин Сербиа из зибен еуро - ајн цигаретен! Бај хиар, вери чип! И јас сум муслим, муслим, жими мајка“

Еден од продавачите го збунува мојот ранец на грбот и ми нуди цигари по двојна цена од онаа за која ги купил. Го прашувам - да не претерал со цената и му дофрлувам дека верниците од било која религија, не би требало да заработуваат врз грбот на паталците. Откако ја забележува прес-легитимацијата, продавачот се сепнува, ама не отстапува.

„А моине гладни усти дома кој ќе ги рани? Имаат мака луѓево, ама и јас имам. Од нешто мора да се живее, а работа - нема. И немој да ми се правиш многу паметен, оти и вие новинарите, сите се стрчавте тука за нив да пишувате. Само нив ги сликате, а бе, исти сме, и вие и ние...“

Прд кампот, две дечиња во дресови на ервопски фудбалски тимови, шутираат топка. Да не е реата од ридовите отпадоци, да не се околу нив стотиците клекнати и легнати луѓе, премалени од патот, малечките фудбалери ќе беа како сцена од било која земја во светот, во која нема војна и се сака „најважната споредна работа на светот“. За бегалците, најважна главна работа во светот е да се избега што подалеку од војната и уништувања, да се овозможи некаква иднина за нивните деца. А, за мигрантите – да се избега од гладта и бедата. Ако може – во Германија. Ветената земја. Дримфорнија.

Од УНХЦР ангажирале млади луѓе кои зборуваат арапски и тие им се голема поддршка на бегалците, кои најчесто мака мачат со англискиот. Александра е Германка која работи за УНХЦР. Под тендата поставена на патеката од граничниот премин кон Транзитниот камп ги дочекува бегалците, делејќи им студена вода и топла насмевка.

„Зошто ја сакаат толку Германија? (се смее) Па, не знам, не сум сигурна. Но, можеби им влева сигурност тоа што Германија покажа подготвеност да ги прими. Англо-Американците не беа толку отворени за нив, и затоа ја преферираат Германија, веруваат дека во една поотворена средина ќе успеат да се снајдат. Многумина од мигрантите кои имаат професии како инженери, лекари, адвокати, веруваат дека лесно ќе најдат работа во Германија... А ние од УНХЦР сме тука да ги охрабриме, да им помогнеме да ги завршат процедурите со регистрирањето и да ги обезбедат сите документи кои им се неопходни, и секако, да го поминат времето во кампот најбезболно..“

Таа со недели живее со проблемот на бегалците. „Оттука, најмногу ќе ја помнам насмевката на луѓето кога им кажувате неколку утешни зборови. Тие доаѓааат во бранови, измачени и тоа е трогателно. Еве, предминатата ноќ, врнеше непрекинато, а тие доаѓаа, наводенети, им беше студено, беа гладни и исцрпени. И едно ’селам алејкум’ тогаш им помага. Јас не знам многу арапски, само некои основни фрази, ама ним и тоа им значи. Тоа им треба, охрабрување и поддршка... Не, не знам што може да се направи за навистина да им се помогне на луѓево. Всушност, знам, да се запре војната во Сирија!“, вели Александра.

По непотребно долгата и здодевна процедура, во која и новинарите и активистите од граѓанскиот сектор и волонтерите и донаторите на храна, вода и облека за бегалците, мораат да се снаоѓаат во испреплетените ингеренции на полицијата и на Центарот за управување со кризи, најпосле ни дозволуваат да влеземе во Транзитниот камп.

Брачен пар од Авганистан, Зухра и Ибрахим, насмеани, чекаат да излезат од кампот. Пред последната делница која ќе ја поминат пеш, до автобусите со кои ќе заминат кон српската граница, ни мафтаат и им „позираат“ на фоторепортерите. Разменуваме неколку реченици за нивните планови во Германија, каде сакаат да најдат работа, и да имаат деца. На крајот, ни се заблагодаруваат. На прашањето – за што, одговараат – затоа што разговаравте со нас! Парот од Аганистан на дело ни ја потрди тезата на германската хуманистка дека секој разговор, дури и обичната вербална поддршка и посакувањето среќа на неизвесното патешествие, толку многу им значат на паталците.

XS
SM
MD
LG