Линкови за пристапност

Пред истекувањето на рокот за специјален обвинител

  • Соња Трајковска

Преговарачкиот маратон досега не донесе договор, но работната група известува за мал напредок; Белгискиот експерт Питер Ван Хојте изјави дека „голема партија го опструира изборот“

Утре е последниот рок за избор на специјален јавен обвинител, функција што произлегува од Договорот од Пржино за надминување на политичката криза во земјава. По викенд средбите на работните групи на четирите најголеми политичките партии и белгискиот експерт Питер Ван Хојте, на кои наводно е постигнат мал напредок, разврската околу тоа кој ќе седне на оваа жешка столица, дали ќе има тим и како ќе биде регулирана неговата работа се очекува попладнево, за кога е закажано продолжението на преговорите. Претпладнево, Во Клубот на пратениците, на едночасовна средба беа амбасадорите на САД, на ЕУ, Џес Бејли и Аиво Орав и експертот Ван Хојте.

Во отсуство на официјални информации, партиите брифираат дека и покрај силниот притисок од амбасадорите, по целодневниот преговарачки маратон синоќа не бил постигнат договор за законот според кој ќе се избира специјалниот јавен обвинител. Единствено се знае дека СДСМ се согласиле, тоа да не биде нов закон, туку да се интервенира во постоечкиот. Претставниците на ВМРО-ДПМНЕ го оспоруваат и предлогот за бројот на обвинители во тимот на специјалниот обвините, но и начинот на кој тие ќе се избираат, на неговиот мандат, неговата автономија, буџетот со кој ќе располага, стручните служби и администрацијата.

Денеска единствена официјална партиска информација е од ДУИ.

„ДУИ е спремна за компромис и ги повикуваме страните исто така да ги усогласат ставовите бидејќи треба да се зачува политичкиот кредибилитет на државата и да се почитуваат договорите потпишани во присуство на високите власти од Брисел и Вашингтон. Спроведувањето на договорот го враќа изгубениот кредибилитет на институциите во земјата, го засилува нашето партнерство со евро-атланската заедница и силно не враќа кон интегративниот пат. Денес е моментот на одговорноста и за политичкoто делување“, се вели во партиското соопштение.

Инаку, во петокот, белгискиот експерт Питер Ван Хојте изјави дека „една голема партија го опструира изборот на обвинител“, по што следуваа реакции од дипломатите дека доколку се пробие рокот договорен во Пржино, не е исклучено Брисел да го именува специјалниот обвинител заедно со законот. Ова се поклопува со најавената посета на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан за 18 овој месец. Официјално, целта на посетата, според изјавата на портпаролката Маја Коцијанчич за МИА е „за да слушне за напредокот и резултатите во имплементацијата на политичкиот договор од 2 јуни, вклучувајќи различни рокови за постапување“.

Според Договорот од Пржино, до 15 септември треба да има нов специјален обвинител со целосна автономија да ја води истрагата за случаите „Прислушување“ и „Пуч“. Опозицијата, согласно договореното, на 1 септември се врати во Собранието. На 20 октомври треба да бидат именувани нови министри за внатрешни работи и труд и социјала, и повеќемина заменици, предложени од опозицијата. Инаугурација на новата влада е предвидено за 15 јануари следната година, 100 дена пред парламентарните избори што ќе се одржат на 24 април 2016 година. На чело на новата влада ќе биде нов премиер номиниран од страна на ВМРО-ДПМНЕ.

XS
SM
MD
LG