Линкови за пристапност

И администрацијата ја отежнува голготата


Хелсиншкиот комитет ги повика властите во Македонија да обезбедат олеснет и непречен пристап за сите добронамерници до мигрантите

„Меѓуресорското координативно тело, формирано во Гевгелија по прогласувањето на кризна состојба од Владата, започна да продуцира административни бариери. Се бараат посебни дозволи за пристап до кампот, се поставуваат услови за дистрибуција на храна и се гледа со сомнеж кон секој што сака да помогне. Ваквите административни пречки само ја отежнуваат голготата на бегалците кои се жедни, гладни и имаат потреба од информации, лекарска помош и средства за лична хигиена“, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик, Воислав Стојановски од Хелсиншкиот комитет на Македонија, за ситуацијата која последните денови владее на македонско-грчката граница, а поради која во медиумите веќе реагираа одделни хуманитарци кои со недели наназад се грижат за мигрантите.

Според Стојановски, во петокот на 4 септември, претставници на Хелсиншкиот комитет го посетиле импровизираниот камп за бегалци покрај Гевгелија. „Транзитот се одвиваше контролирано, односно од меѓуграничната зона се пропуштаа онолку бегалци колку што е можно да се превезат до Табановце. Нивниот број е поголем во меѓуграничната зона, отколку во кампот. Дел од бегалците се регистрираат, но значителен е и бројот на бегалци кои се превезуваат без регистрација. Поради тоа, официјалните бројки на МВР не ја отсликуваат реалната бројка од теренот“, изјави Стојановски. Според него, во кампот се до минатиот викенд биле присутни претставници на неколку невладини и хуманитарни организации, како и волонтери од Македонија и од странство.

„Заедно со меѓународните организации - УНХЦР и УНИЦЕФ, тие беа клучен фактор за непречениот и хуман транзит на бегалците кои од меѓуграничната зона доаѓаа прегладнети. За жал, властите решија да го спречат влезот на хуманитарците во кампот поради што тие не можат да ја доставуваат помошта од домашните и странските донатори. На еден странски волонтер од МВР му беше наложено да ја напушти државата...“ Ситуацијата дополнително се усложнува со поголемиот наплив на бегалци, намалувањето на температурата и неможноста на државата соодветно да се справи со овие фактори. Поради тоа, активностите на невладините и хуманитарните организации и волонтерите во периодот што следи ќе бидат од клучно значење„, изјави Стојановски за Гласот на Америка на македонски јазик.

Поради ваквиот развој на настаните, Хелсиншкиот комитет ги повика властите во Македонија да обезбедат олеснет и непречен пристап за сите добронамерници, а апелираше до граѓаните да помогнат со донации во храна, вода, топла облека, обувки и ќебиња, кои можат да се доставуваат во канцеларијата на ХКМ. Според ХКМ, во изминатиот период, токму со граѓанска солидарност се овозможило олеснување на привремениот престој на мигрантите во Македонија, па поради тоа, „имајќи ја предвид незавидната позиција што ја имаат мигрантите кои транзитираат низ Македонија, односно, нивната директна изложеност на опасност по нивните животи, физички интегритет и достоинство, повикуваме на солидарност“.

Бројот на мигрантите кои од Грција влегуваат во Македонија се зголемува. Од 19-ти јуни до денес, издадени се потврди на вкупно 64.522 странски државјани. Последниве денови најбројни биле државјаните на Сирија – 1.950, Ирак – 154, Авганистан – 119 и Пакистан – 94.

Според Високиот комесаријат на ОН за бегалци, завчера, „рекордни 7.000 сириски бегалци пристигнаа во Македонија, а околу 30.000 се наоѓаат на грчките острови“. УНХЦР смета дека Европа треба да предложи гарантирано преселување на сириските бегалци, бидејќи рекорден број луѓе се собираат во Македонија и во Грција „Дискусиите во Европа оваа недела стекнуваат уште поитен карактер, бидејќи е очигледно дека не може да има германско решение на европски проблем“, изјавила во Женева портпаролката на УНХЦР, Мелиса Флеминг.

И додека Македонија чека помош од европските земји, а во македонските медиуми се најавува и хуманитарна криза, премиерот Никола Груевски потенцираше дека „засега добро се справуваме со проблемот на транзитните илегални емигранти, но овој проблем е темпирана бомба која човек не знае кога ќе експлодира.

Во вчерашното обраќање по повод Денот на независноста на Македонија Груевски предупреди: „Овие (мигранти – н.з) кои сега транзитираат кон ЕУ се главно припадници на т.н. средна класа во нивните земји, голем дел од нив со солидно образование, кои можат да си дозволат доволно пари за таквото патување. Сиромашните, кои се најголемиот број од граѓаните на тие земји, главно, се уште немаат тргнато, и се изнендадени од успехот на оние кои тргнаа и пристигнаа во Западна Европа. Кога тие ќе тргнат, тогаш проблемите ќе нараснат. ЕУ се уште нема изградено заедничка стратегија по ова прашање. Постојат многу морални дилеми и крупни несогласувања. Сепак, се чини, успехот зависи од тоа, колку длабоко и колку доволно и побрзо ќе се интервенира заради решавање во изворот на проблемот, во причините зошто тие бегаат и доаѓаат во Унијата. ЕУ е свесна за понатамошните проблеми и можни последици од така нагол прилив на толку многу луѓе со различни култури, степен на образование, религии, обичаи и начини на размислување и делување. Од друга страна е хуманиот аспект, за кој мора да се води сметка“, рече Груевски.

Минатата седмица, и македонскиот министер за надворешни работи, Никола Попоски, посочи дека Македонија не добила многу помош околу мигрантската криза, но неоправдано се здобила со многу негативен публицитет. Тој потенцираше дека трошоците на Македонија околу мигрантите достигнуваат милиони евра, како и дека ако се продолжи со досегашниот тренд, до почетокот на зимата би можеле да бидат регистрирани и 200.000 мигранти кои би влегле во Македонија.

XS
SM
MD
LG