Линкови за пристапност

Амбасадата на САД бара почитување на правото


Според амбасадата, сите делови од договорите од 2 јуни и 15 јули мора да се имплементираат, за да може Македонија да ја надмине политичката криза.

„Очекуваме сите судски постапки во Македонија да се спроведат со почитување во потполност принципите на националното и меѓународното право, вклучувајќи ја и релевантната судска практика според Европската конвенција за човекови права“, се вели во денешното соопштение на амбасадата на САД во Македонија. Според соопштението, амбасадата изразува уверување дека веродостојно разгледување на случаите кои се поврзани или произлегуваат од следењето на комуникациите, е од најдобар интерес за сите партии и за граѓаните на Македонија.

Соопштението на Амбасадата е испратено откако во медиумите беше објавена одлуката на Основниот суд Скопје 1, со која снимките на телефонски разговори поднесени со кривичната пријава од СДСМ против осомничените - премиерот Никола Груевски, ексминистрите Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиевски, и ексчелникот на тајната служба Сашо Мијалков, и уште пет лица, треба да се издвојат како незаконски прибавени докази, бидејќи согласно со членот 12, став 2 од Законот за кривична постапка, не може да се користат и врз нив да се заснова судска одлука.

Амбасадата на САД ја повика македонската Влада и сите политички партии да ги оневозможат активности коишто би спречиле новиот специјален обвинител потполно автономно да работи. Според амбасадата, сите делови од договорите од 2 јуни и 15 јули мора да се имплементираат, за да може Македонија да ја надмине политичката криза.

Медиумите го објавија и ставот на Европската комисија да не ги коментира одделните судски случаи, особено не случаите во прв степен кои се се уште предмет на жалба и не се конечни. Според изјавата на делегацијата на ЕУ во Скопје, „Европската комисија, очекува специјалниот обвинител да биде назначен и да ја врши неговата/нејзината функција целосно во согласност со политичкиот договор од 2 јуни“. И ЕК очекува сите судски постапки во Македонија да бидат спроведени со целосно почитување на принципите на националното, како и на меѓународното право, вклучувајќи ја и релевантната судска практика според Европската конвенција за човекови права.

XS
SM
MD
LG