Линкови за пристапност

Најавено намалување на платите на новинарите од неколку медиуми во Македонија

  • Соња Трајковска

Со ова се зголемува несигурноста кај новинарите во МПМ и Македонија кои и онака се најслабо платени во регионот и пошироко, порачаа новинарите на протестот

Одлуката, за скалесто намалување на платите за 10, 20 и 30 проценти и најавите за отпуштања, ги принудија вработените во трите весници во Македонија под капата на компанијата Медија принт Македонија (МПМ), „Дневник“, „Утрински весник“ и „Вест“, и порталот „Телеграф“, да излезат на протест.

Револтот кај десетиците вработени во МПМ, главно новинари, е и од начинот на кој тоа им било соопштено – ненадејната одлука на менаџментот ги дочекала утрово, на огласната табла, заедно со списоците со намалени плати.

Облечени во маички со натпис „Македонија вработува- се бориме за секое работно место“, тие испратија симболична порака до власта, чиј главен проект е токму вработувањето.

Како што велат новинарите, како причина за ваквата одлука менаџментот ја навел „лошата економска состојба во државата“ што „се одразила и врз работењето на компанијата“.

„Излеговме да го искажеме својот протест и револот од одлуката за намалување на платите што утрово беше објавена на огласна табла во МПМ. За земја која успешно ја надминала светската економска криза и која, како што секојдневно слушаме е лидер во економскиот напредок во Европа, недозволиво е да се намалуваат платите на новинарите поради наводно економски причини. Со ова се зголемува несигурноста кај новинарите во МПМ и Македонија кои и онака се најслабо платени во регионот и пошироко”, вели Тамара Чаусидис, претседателка на Самостојниот синдикат на новинарите (ССНМ).

Од Новинарскиот синдикат уште велат дека менаџментот на МПМ не само што не прифатил ниту еден предлог, туку ги игнорирал.

„ССНМ во текот на носењето на одлуките од страна на менаџментот на компанијата беше игнориран и само формално беше информиран за веќе донесените решенија. Досега ССНМ заедно со синдикалните организации во МПМ понудија решенија за надминување на финансиската криза на која посочува раководството на компанијата но тие беа целосно игнорирани“, велат од ССНМ.

По денешниот предупредувачки, од утре секојдневно напладне новинарите од МПМ ќе одржуваат протести против оваа одлука. На протестот се приклучија и вработените од магазинот „Теа модерна“ и „Македонски спорт“, обете исто така изданија на МПМ.

XS
SM
MD
LG