Линкови за пристапност

Опозицијата се врати во Собранието

  • Борјан Јовановски

Главна цел на враќањето е избирање на специјален обвинител, кажа СДСМ; Трајанов и Поповска стануваат независни

Пратениците на опозицискиот Социјал-демократски сојуз согласно договорот од Пржино денеска се вратија во Собранието. Пред вратата на Собранието, пратеничката група на СДСМ предводена од партискиот лидер Зоран Заев најави дека нивна прва цел е реализација на следната обврска од политичкиот договор според која на 15 семптември треба да биде избран Специјален обвинител со мандат да ги испита „сите наводи и индикации за кривични дела откриени со објавувањето на прислушуваните разговори“.

Ако ова не се реализира, „договорот нема да биде валиден“, рече Заев на денешната прес конференција пред Собранието, со која беше одбележано враќањето на опозицијата во Парламентот.

„Материјалите што ги поседуваме од прислушувањето на власта нема да има кому да ги предадеме и ќе мора да продолжиме да ги споделуваме со јавноста. Нема да има нови палома договори“, рече лидерот на СДСМ.

Во врска со изборот на Специјалниот обвинител Илија Димовски од владеачката ВМРО-ДПМНЕ изјавија дека тие не се плашат од оваа функција.

„Не се плашиме од специјалниот јавен обвинител, во оваа држава многумина сме виделе на дело и тие треба да бидат исплашени од институциите“, изјави Димовски.

Тој исто така го коментираше и враќањето на опозицијата во Собранието.
„Нема да дозволиме Собранието на Република Македонија да биде орган кој ќе се занимава само и единствено со интерсите на СДСМ или било која друга политичка партија. Нивните пратеници имаат обврска да бидат овде, да ја одработуваат својата плата, а не да бидат дел од сценарио за заштита на кариерата на одамна пропаднати политичари“, рече Димовски.

„На овој прв училшен ден се надевам дека ја научиле лекција дека со седење дома, лежење во измислени кампови на слободата, континуирана недоследност во ставовите, измислување епохални битки и тропање на тенџериња, не може да сметаат на поддршката од нашиот народ кој за разлика од нив секојдневно си ја одоработува и својата плата и својата егзистенција. Ние работевме додека други не работеа“, додаде тој.

Инаку, денеска, пратеникот Павле Трајанов, кој како лидер на Демократскиот сојуз беше дел од парламентарното мнозинство, најави дека во иднина ќе дејствува како независен пратеник.

Павле Трајанов, поднел такво барање до претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, a во наредниот период ќе работи на формирање на нов политички блок за изборите во 2016-та година. Слична одлука донесе и пратеничката Лилјана Поповска која како лидер на ДОМ беше дел од владеачкото мнозинство.

XS
SM
MD
LG