Линкови за пристапност

МВР: дозволен влез на лимитиран број на илегални мигранти од поранливите категории


Првата детска амбасада во светот Меѓаши, пак, апелираше Владата веднаш да ги пушти сите деца запрени на граничниот појас

Полициските служби постапуваат согласно наредбите и овластувањата за заштита на државната граница и обезбедувањето на мирот и безбедноста на граничниот појас, се вели во денешната реакција на Министерството за внатрешни работи на критиките во јавноста поради затворањето на јужната и северната граница поради притисокот од напливот на мигрантите.

„Во државата се дозволува влез на лимитиран број на илегални мигранти од поранливите категории кои може да бидат згрижени и соодветно третирани во согласност со капацитетите на државата. За разлика од претходните денови кога во Македонија се издаваа потврди на повеќе од 1.300 странски државјани на дневно ниво, во последните 24 часа тој број е неколкукратно помал“, се наведува во соопштението.

Според портпаролот Иво Котевски, одлуката е донесена за да се обезбеди похуман третман на бегаците, бидејќи, кога се во голем број, тоа не е возможно, како и да се заштити локалното население.

„Бегалците и до сега влегуваа на нелегалните гранични премини, само што сега ја зајакнавме контролата за да се намали бројот на оние што ќе успеат да ја поминат границата. До кога ќе трае ова, не може да се каже, бидејќи се` зависи како ќе се одвиваат работите од другата страна на границата“, вели тој, додавајќи дека новите мерки ќе се носат во зависност од тоа како ќе се развива ситуацијата на теренот.

Од МВР денеска демантираа дека полицијата ноќеска употребила солзавец за да ги спречи мигрантите од грчка територија насила да влезат на македонска.

„Македонската полиција на јужната граница со Грција не употреби солзавец, туку шок-бомба за да сопре група мигранти која се обидувала да го пробие полицискиот кордон. Таа делува согласно вчерашната одлука за да ја чува и штити својата граница согласно донесените препораки“, велат од МВР.

За начините за справување со напливот на бегалци од блискоисточните и северноафриканските земји, телефонски разговарале и премиерите на Македонија и Србија. Како што се наведува во соопштението од Владата, Никола Груевски и Александар Вучиќ размениле „информации кои се во корист за поефикасно менаџирање на постојниот проблем, согласно расположливите капацитети на државите. Премиерите се договорија да продолжат активно да ја следат ситуацијата и да преземат мерки и активности за справување со настанатата ситуација“.

Првата детска амбасада во светот Меѓаши, апелира до Владата веднаш да ги пушти сите деца кои се запрени на граничниот појас, бидејќи како што велат оттаму, Македонија е потписник на Конвенцијата за правата на детето.

„Алармираме дека има стотици деца чиј живот е директно загрозен и под постојана опасност од непредвидливи опасности кои ги демнат во граничниот појас. Децата се во трауматична состојба и им треба итна помош. Поради тоа упатуваме апел до Владата да обезбеди прифат на сите деца - бегалци! Повторно потсетуваме дека Република Македонија е потписничка на Конвенцијата за правата на детето и со тоа таа е обврзана да обезбеди секаков вид заштита на децата“, велат од Меѓаши.

„Државата сама и регионот не можат да се справи со овој предизвик“, сметаат во Либералната партија, пред се`, како што велат, поради ограничените ресурси на државата и фактот дека бегалскиот бран е насочен кон попросперитетните членки на ЕУ.

„Оваа состојба е реален проблем за земјата, која прераснува во зона на престој на бегалците. Без општ (европски) план и координирана акција, ризикува да ја загрози безбедноста на граѓаните на повеќе (транзитни) региони во РМ, но и на самите бегалци“, истакнуваат од оваа партија, којашто како позитивно го оцени дополнителното обезбедување на јужната и северната граница. Од Либералната партија бараат Владата „да започне интензивна комуникација со европските држави, заедно со другите држави од регионот, така што организираниот транзит на бегалците ќе гарантира нивен престој од најмногу 72 часа во Македонија до нивното безбедно заминување кон посакуваните дестинации во ЕУ“.

XS
SM
MD
LG