Линкови за пристапност

Експерти од Европа за помош на тетовскиот регион

  • Соња Трајковска

Во следните 12 дена ќе биде направен увид, по што ќе бидат издадени препораки за заштита од поплави и опасности од свлечишта

Експертски тим од Европската унија е ангажиран да помогне во тетовскиот регион што неодамна беше погоден од поплави, во кои загинаа шестмина, од кои четири деца, а материјалната штета е речиси еднаква на природна катастрофа.

Седумчлениот тим составен од експерти од Холандија, Словенија, Франција, Германија, Унгарарија, Австрија и Шпанија ќе ги утврдува причините за поплавите, ќе прави проценка на штетите, ќе понуди инфраструктурни решенија за свлечиштата, за опоравување на водоводот и за заштита на локалното население.

„Преку Механизмот за цивилна заштита побаравме да се активира системот Коперникус, сервисот за менаџмент на итни ситуации, и добивме сателитски снимки за конкретната состоја во Тетово. Ќе се направи добро инфраструктурно уредување на целата територија што беше зафатена од поплавите и свлечиштата. Ќе се обидеме да им дадеме одредени насоки и препораки на Владата и на локалната самоуправа како да го уреди тој простор за во иднина да не се случуваат такви проблеми“, рече директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Шабан Салиу, на денешната прес конференција.

Според податоците на Дирекцијата, од поплавите оштетени се околу 390 куќи, а се отстрануваат наноси од 1 милион и 500 илјади кубици. На терен од Дирекцијата за заштита и спасување во моментов се наоѓаат 39 багери, неколку булдожери и 40 камиони, и според Салиу, за неколку дена теренот ќе биде целосно уреден.

Македонската Влада на 4 –ти овој месец побарала да се активира Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, што овозможува координација на целата помош што доаѓа од ЕУ во случај на природни непогоди и други несреќи.

Експертскиот тим предводен од холандскиот експерт за поплави Рудолф Де Кром е составен уште од Тина Петернел од Словенија и Патрик Гиндре од Франција, експерти за проценка на штети на инфраструктура, Маркус Мекснер од Германија и Тамаш Мадер од Унгарија, експерти за рано опоравување на системи за водовод и канализација, Јоаким Швејгл од Австрија, градежен инженер-експерт за урбано планирање и спроведување мерки за заштита и спасување на локално ниво и Алфонсо Басанта од Шпанија.

„Тоа е експерти од полето на вода за пиење, канализација, геологија, кои ќе извршат проценка на теренот, што е причината за овие одрони и поплави и да се подготви извештај со одредени препораки за превенција. УНДП и други организации исто така прават проценки на состојбата, но ние повеќе ќе се фокусираме на давање препораки за во иднина“, рече Де Кром.

Во следните 12 дена колку што ќе работи на терен овој тим, ќе биде направен целосен увид, а потоа и ќе следуваат препораки за заштита од евентуални повторни поплави и опасности од свлечишта.

XS
SM
MD
LG