Линкови за пристапност

Реакции на акцијата „Ќелија“

  • Синиша Станковиќ

ИВЗ:„Ние сме бескомпромисни кога станува збор за насилство, уште повеќе кога тоа се прави во име на религијата“

„Исламската верска заедница на Република Македонија е загрижена поради изговорoт на оваа акција, кој се однесува на т.н. ИСИС. Исламската верска заедница во почетокот на создавањето на овој феномен, имаше дециден и јасен став, дека „Исламската држава“ не го претставува исламот. Од почетокот на војните во Ирак и Сирија, Исламската верска заедница ja информираше јавноста дека овие војни се бесмислени и туѓи за нас, па ИВЗ е против било каква поврзаност со овие војни“, се вели во денешното соопштение на Исламската верска заедница на Република Македонија, по повод вчерашната полициска акција „Ќелија“, во која беа уапсени девет лица, осомничени како структури на „Исламската држава“ во Македонија, кои врбувале членови за паравоените формации на Блискиот Исток.

Полицијата поднесе екривична пријава за 36-мина осомничени, според новиот член од Кривичниот законик со кој се санкционира одење на странски фронтови или организирање и регрутирање за паравоени странски структури, но 27 од осомничените се недостапни и се претпостауива дека се во моментов на некој од фронтовите. Според новата одреба од КЗ, „тој што врбува граѓанин на Република Македонија за служба во непријателска војска или во други непријателски вооружени формации или за учество во војна или во оружен судир против Македонија и нејзините сојузници ќе се казни со затвор најмалку пет години“.

ИВЗ потенцира дека е постојано контактирана од македонски и странски медиуми по полициската акција, па го испратила соопштението кое било „малку задоцнето, поради немање доволно информации“.

ИВЗ тврди дека се залага за функционирање на правната држава, за работа на институциите на „искоренување на екстремизмот и насилството“ и ги повикува „сите меѓународни тела и разни здруженија кои работат во таа насока, во ИВЗ да гледаат вистински сојузник“.

Според раководството на ИВЗ, оваа институција не е одговорнa за дејствијата на поединци, „во приватниот живот, но од страна на судството бараме транспарентност и праведност, и почитување на човековите права и пресумпцијата на невиност додека не се докаже вината за некого“.

И Движењето на етнички Албанци од Македонија „Беса“ го осудува секое противзаконско дејство, но бара од македонските властите овој случај да не се злоупотреби за политички поени. Според „Беса“, „властите во Македонија во неколку наврати го злоупотребиле правниот и безбедносниот систем, притоа креирајќи и монтирајќи различни процеси, особено кога се во прашање Албанците, бараме и од меѓународните организации да го набљудуваат овој процес за да се спречи секоја злоупотреба на законот и при овој случај“.

„Беса“ е децидна дека Албанците во Македонија не треба да бидат жртви на повиците за приклучување кон било какви воени акции и дека треба да бидат внимателни кон таквите манипулации. „Ние, Албанците од Македонија, имаме десетина и стотина проблеми во нашиот двор и нема никаков повод што би не натерало да ги напуштиме нашите огништа по било каква цена“, се вели во соопштението на Движењето.

„Беса“ смета дека „досегашната политика, особено таа во албанскиот камп, толку многу им го отежна животот на младите Албанци, што на некој начин ги направил задолжителни жртви или за иселување, или за учество во воени дејствија“, и затоа бара „да им се обезбедат на младите Албанцие во Македонија подобри услови за живот и можности за вработување за тие да не стануваат жртви на манипилации“.

Од индивидуалните ставови, најмогу реакции предизвика експертот Суад Мисини, кој за „Ал Џезира Балкан“, изјави дека и акцијата „Ќелија“ ја гледа низ призмата на однесувањето на актуелната власт. Според него, без оглед на постигнатиот договор - актуелниот премиер Никола Груевски да се повлече до крајот на годината, владеачката ВМРО-ДПМНЕ ќе се потруди повторно да победи на предвремените избори и да се врати на власт, зашто тоа е единствениот начин партиската врхушка да се спаси во политичка смисла, но и во смисла на кривично гонење и евентуална затворска казна. Во дел од Интернет порталите кои досега се експонираа како критичари на опозицијата и поддржувачи на власта, неговиот став беше дочекан со навреди на негова сметка и со прогласување на ТВ „Ал Џазира“ за терористичка.

Според медиумите во Скопје, вчера уапсените, специјализираното Одделение за организиран криминал и корупција, ги сомничи за кривично дело „учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации“. На деветтемина уапсени им е одредена мерка притвор во траење од триесет дена. Мерка притвор од триесет дена им е одредена и на останатите 27 осомничени кои се во бегство, и издадена е наредба за нивно приведување.

Меѓу деветтемина уапсени, еден е етнички Македонец. 31-годишниот скопјанец С. С., кој наводно минатата година заминал на џихад во Сирија и бил на воените боишта. Дел од медиумите шпекулираа дека неговиот мотив не бил финансиски, бидејќи пред да премине од православниоото христијанство во исламот, бил ситуиран лекар. Наводно, негова задача била да врбува нови борци за ИСИС.

Во вчерашната акција „Ќелија“ приведен беше и имамот Реџеп Мемиши од Тутунсуз џамијата, за кого од МВР изјавија дека наводно бил идеолог на групата.

XS
SM
MD
LG