Линкови за пристапност

Без детали за средбата


По речиси три часа преговори, претставниците на политичките партии не дадоа официјални информации како тие се одвивале

Македонската јавност и понтааму не знае како се одвиваат преговорите за надминување на повеќемесечната политичка криза. И по денешната, речиси тричасовна, прва работна средба на работните групи за спроведување на договорот којшто треба да доведе до излез од политичката криза, одржана во Клубот на пратениците, само посредникот Питер Ванхоуте изјави дека е оптимист и најави нова средба за утре.

Повикувајќи се на анонимни извори, медиумите објавија дека на средбата на којашто покрај претставниците на четирите најголеми партии, биле и Ванхоуте, преставници на Амбасадата на САД, на ЕК и на ОБСЕ, се разговарало за Избирачкиот список и за можноста за активна регистрација на гласачите со отпечаток на прст - на следните парламентарни избори што ќе се одржат во април следната година.

Стручњаците веќе се изјаснија дека деталното „прочистување“ на Избирачкиот список е клучно за фер и демократски избори. Неофицијално, партиските претставници на преговорите спореле околу задолжителноста или доброволноста на регистрацијата на гласачите, но со нивната регистрација секако наместо „проветрување“, би бил создаден нов избирачки список, без организирање на попис на населението.

Неофицијално, според медиумските извештаи, на средбата се разговарало и за гласањето на дијаспората.

Покрај горливата тема за Избирачкиот список, следните денови на сребите ќе се разговара и за реформирањето на ДИК и за зголемувањето на нејзините ингеренции, ќе се разгледаат сите препораки на Европската комисија, на ОБСЕ/ОДИХР и оние од извештајот на Прибе, а ќе се разгледуваат и предлозите за изборниот модел и за изборните единици.

XS
SM
MD
LG