Линкови за пристапност

Новите вакцини ќе пристигнат во Македонија до август

  • Соња Трајковска

Задолжителното вакцинирање со вакцините од француско производство ќе започнат во сепрември, најави премиерот Груевски

Од есен, децата до двегодишна возраст, наместо 13, ќе бидат вакцинирани седумпати. Пред два дена, во Македонија пристигнаа пето и шестовалентните вакцини, превентива од пет- шест болести одеднаш и кои наводно не содржат жива, што би го намалило ризикот од појава на вообичаените ефекти од вакцинирањето.

И до сега некои родители ги вакцинираа децата со вакви вакцини, но ги набавуваа во странство, а децата ги примаа исклучиво на Клиниката за детски болести, додека некои ги носеа на вакцинација и во Србија и во Грција.

Оваа новина во вакцинирањето во Македонија, што во другите земји со децении е пракса, ја најави премиерот Никола Груевски, наркувајќи ја „ исполнување на уште едно наше ветување дадено во програмата и пред македонските граѓани“.

„Во наредните две до три недели (вакцините) ќе се распределуваат низ сите јавни здравствени установи според претходно утврдена шема. Околу 1-ви август ќе започне нивното користење“, рече тој, додавајќи дека петовалентните ќе пристигнат во август и ќе се применуваат од 1-ви септември. Досега се обезбедени по 50.000 дози од двата типа вакцини, со вкупна вредност од 170 милиони денари или 2,7 милиони евра.

Задолжителната вакцинација во Македонија последниве години наиде на извесен отпор кај дел од граѓаните, кои и покрај големите казни, прекршочни и паричини од 300 до 650 евра, одлучија своите деца да не ги вакцинираат, повикувајќи се на примери во светот за наводни случаи на сериозни заболувања, па и смрт кај новороденчиња, како последица на вакцините.

Најгласни во противењето се групата „Здравјето на игла не влегува“, чии членови уште минатата година испратија отворено писмо до премиерот Груевски, во кое ја истакнуваат загриженоста од најавите за воведување поливалентни вакцини, а по вчерашната информација, повторно го актуелизираа.

„Загриженоста, ни се должи на нашата информираност за искуствата на оние држави кои далеку пред нас ги воведоа истите поливалентни вакцини. Статистичка студија која е публикувана во САД во 2013 година и која се темели на пријавените случаи на несакани реакции од вакцини во системот VAERS во тек на 20 години – Relative trends in hospitalizations and mortality among infants by the number of vaccine doses and age, based on the Vaccine Adverse Event Reporting System (VAERS), 1990–2010 - открива една поразителна вистина, а тоа е дека процентот на смртност на новороденчиња расте соодветно на бројот на дози односно примени вакцини одеднаш“, се наведува во писмото.

Од групата наведуваат дека и други студии дошле до исти или слични заклучоци.

„Во нашата држава имаме регистрирано неколку поливалентни вакцини од еминентни светски производители и во нивните збирните извештаи сретнавме наведени несакани реакции како: бронхијален невритис, апнеа, Guillain-Barré симдром, конвулзии, лимфаденопатии, парализа, нефропатија, енцефалопатија, енцефалитис и менингитис“, се наведува во отвореното писмо на „Здравјето на игла не влегува“.

Тие сметаат дека „ е време да се напушти слепата доверба кон медицинските авторитети и нивните приказни за користа од вакцините наспроти штетите кои беа заташкувани и непризнаени“, и апелираат „да се следи гласот на разумот кој вели да учиме од туѓите грешки и да не одиме по патот кој се покажал како опасен за иднината на нашите поколенија“.

Министерството за здравство соопшти дека пето и шестовалентните вакцини се од француско производство и при изборот се направени сите неопходни тестирања и проверки. Инаку, комплетираната вакцинација е еден од условите при запишување на децата во градинките и училиштата.

XS
SM
MD
LG