Линкови за пристапност

Разговорите Груевски–Заев завршија неуспешно


Лидерот на социјалдемократите Зоран Заев објави дека разговорите за изнаоѓање на политичко решение за кризата завршиле без договор.

„Направив се`, и како претседател на СДСМ и како партија направивме се`, и како граѓани на цивилизиран начин разговаравме со Никола Груевски и покрај сите судски процеси против мене“, рече претседателот на СДСМ Зоран Заев на прес-конференција, прогласувајќи ги преговорите за неуспешни.

Тој го обвини премиерот дека одбил нормализација на државата и институциите за доброто на Македонија.

„Никола Груевски во континуитет го минира договорот од 2-ри јуни. Tој одби да прифати споделени гаранции меѓу власта и опозицијата за враќање на демократските институции“, изјави Заев.

Заев остави можност дијалогот да продолжи, само доколку дојде конкретен предлог од меѓународната заедница.

„Ако меѓународната заедница, без разлика дали е тоа Нуланд, Хан или Могерини, даде конкретен предлог, во кој се исполнети условите, а тоа се: споделена одговорност меѓу власта и опозицијата за враќање на демократските институции, за нормализација на државата, за враќање на корективите во општеството и обезбедување услови за фер и демократски избори. Tој предлог е вреден за разгледување", рече Заев.

Владеачката ВМРО-ДПМНЕ на ова одговри со обвинувања упатени на сметка на опозицијата:

„Со денешната прес конференција се докажаа нашите сомневања дека Зоран Заев и СДСМ не сакаат избори, се плашат од нив и бегаат, посебно поради денес објавената анкета на американскиот Интернационален републикански институт“.

Со реакција на денешните случувања се огласи и ЕК која побара полiтичките лидери итно да изнајдат компромис.

„Европската комисија итно ги повикува партиите да пронајдат компромис во интерес на земјата и на граѓаните“, пренесе агенцијата Мета.

„Нашиот став е прилично јасен: итно ги повикуваме партиите да пронајдат компромис во интерес на земјата и на граѓаните. Договорот од 2 јуни ја нуди потребната основа, а останува уште едно крупно прашање да се договори. Нема време за губење“, рече портпаролката Маја Коцијанчич.

Претходно во интервју за Радио Слободна Европа комесарот за проширување Јоханес Хан изрази загриженост за сосотјбите во државата:

„Да загрижен сум, бидејќи губат време ...иако сите партии се согласија дека земјата им е важна, а не личните интереси, и треба да ја преземат одговорноста за земјата. Економската ситуација се влошува. Очекуваниот економски растеж од 4 проценти сега е најмалку нула, ако не е и под нулата. Невработеноста е речиси 30 отсто. Сите инвестициски одлуки на странските компании се на чекање. А тука е миграциското прашање кое кажува дека земјата многу треба да направи".

XS
SM
MD
LG