Линкови за пристапност

Конференција за борба против корупцијата во Охрид

  • Сашо Митан

Политичарите мора да бидат подготвени дека сите пред законот се еднакви вклучувајќи ги и самите нив, рече претседателот на ГРЕКО Марин Мрчела.

Во организација на академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, во Охрид се одржува конференција на тема „Борбата против корупцијата“.

Учесниците ќе дискутираат за борбата против корупцијата во јавниот сектор, а особено на корупцијата од висок профил во која се вмешани службени лица, судии, обвинители, пратеници, политичари и други носители на јавни функции.

„Во секоја држава има корупција. Нема држава без корупција и врз основа на тоа Македонија не е исклучок“, оцени претседателот на ГРЕКО и судија во врховниот суд во Хрватска Марин Мрчела.

Според него, корупцијата не е имуна бидејќи ја прават луѓе.

„Се работи на тоа да се спречи корупцијата да се открие и да се процесуира. Процесирањето може да биде спроведливо единствено ако го прават независни тужители и судат независни и непристрасни судии без наплив на политика. Врз основа на тоа политиката не смее да се меша ниту во работата на судството ниту во работата на правосудството, а тоа е и сржта на препораките што ги издаде ГРЕКО не само во Македонија, туку и во сите држави“, рече Мрчела.

Тој додаде дека за борба против корупцијата и создавање антикорупциска клима, во секоја држава, па и во Македонија е потребна политичка волја.

„Тоа значи дека политичарите мора да бидат подготвени дека сите пред законот се еднакви вклучувајќи ги и самите нив и дека не смеат да стојат на патот на тужителите и полицијата во откривање и пресудување. Политичката волја е најдобро да се изрази со зборови, а потоа со мирување, истакна Мрчела.

Според директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Анета Арнаудовска, во подобрување на македонското корупциско казниво законодавство големо влијание има исполнувањето на препораките на ГРЕКО од страна на државата.

„Ние имаме успешно процесирани случаи на висока корупција. Можам да зборувам за улогата на Академијата и подготвеноста на Република Македонија со едно современо кривично законодавство да ги обезбеди сите современи алатки за да им овозможат на судиите и обвинителите успешно да се справуваат за тие случаи“, рече Арнаудовска.

Македонското правосудство, според неа, можеби треба поагресивно да ги презентира своите позитивни искуства во своето работење.

„Сите меѓународни извештаи посочуваат на потребата да ги подобриме комуникациските стратегии со јавноста со граѓанскиот сектор, кој треба да биде вклучен во борбата против корупцијата“, подвлече таа.

Според неа, огромна е разликата меѓу перцепцијата и искуствената корупција.

„За тоа дали има корупција во македонското судство, сите меѓународни стандарди укажуваат на тоа дека за корупција може да се говори само врз основа на завршени правосилни судски случаи. Се` друго претставува шпекулација бидејќи судиите и обвинителите не се недопирливи“, додаде директорката на Акедемијата за судии и јавни обвинители Анета Арнаудовска.

Учесници на дводневната конференција за борба против корупцијата во јавниот сектор се судии и јавни обвинители, адвокати и претставници на релевантни институции.

XS
SM
MD
LG