Линкови за пристапност

„Нации во транзиција 2015“: Македонија доби полоша оценка од претходната

  • Ведран Андоновски

Извештајот на Фридом хаус бележи уназадување во изборниот процес и граѓанското општество. Хабданк-Колачковска за Гласот на Америка коментира на изјавата на претседателот Иванов - јаз во перцепцијата

Бројките и податоците во најновиот извештај на Фридом хаус не даваат добра слика за нивото на демократија во државите во транзиција од Европа и Евроазија во 2014-та. Организацијата којашто ја истражува слободата во светот тврди дека процесот на демократизација е на удар на се` поагресивните авторитарни режими. Од вкупно 29 оценети, 13 се рангирани како демократии, 6 како транзициски режими, а 10 како авторитарни. Овојпат, 12 земји бележат уназадување, а како и во секоја од минатите 10 години, просечната оценка за демократијата опаднала. Само на Балканот, четири од седум држави одат по надолна линија.

„Евроазиските авторитарни режими неуморно ги предупредуваат луѓето дека чекорите во правец на демократија во Украина може само да донесат хаос, насилство и сиромаштија“, истакнува директорката на проектот Нации во транзиција, Силвана Хабданк-Колачковска и препорачува Европската унија да се заложи повеќе за одржување на демократските стандарди во Европа.

Рејтингот на Македонија последниве неколку години нагло опадна, особено кога станува збор за независноста на медиумите и судството.

На скалата од 1 до 7, најдобро котира Словенија со оценка 1,93. Најлоша оценка има Азербејџан - 6,75. На Балканот, од седумте оценети земји, Македонија е пред Албанија, Босна и Херцеговина и Косово, а зад Хрватска, Србија и Црна Гора. Доби оценка 4,07, полоша од претходната година - 4, кога падна една група подоле, во земји коишто се дефинираат како транзициски влади или хибридни режими.

Новата полоша оценка се должи на чекорите наназад коишто Фридом хаус ги забележал во две од вкупно седумте категории во оценувањето: изборниот процес и граѓанското општество. Организацијата како причини ги наведува провладината наклонетост на медиумите и злоупотреба на владините ресурси на претседателските и предвремените собраниски избори во април 2014-та. Иако вели дека Владата на Република Македонија продолжува со работата на редица позитивни институционални реформи коишто ги налага ЕУ, Фридом хаус додава дека развојот на настаните во последните неколку години ја довел во прашање посветеноста на владејачката партија на политичкиот плурализам и транспарентноста. Во извештајот стои и дека граѓанскиот сектор во Македонија извршил притисок, но без успех, против проблематичните предлози поддржани од владата, како на пример оној за поткопување на независноста на универзитетите.

Силвана Хабданк-Колачковска

Силвана Хабданк-Колачковска

Во интервјуто за Гласот на Америка по повод објавувањето на најновиот извештај, Хабданк-Колачковска констатира дека „рејтингот на Македонија последниве неколку години нагло опадна, особено кога станува збор за независноста на медиумите и судството“.

Во овој момент, мислам дека има голем јаз во перцепцијата меѓу Фридом хаус и официјални лица со коишто јас бев во контакт, за тоа што се случува.

Коментирајќи го ставот на македонскиот претседател Ѓорге Иванов, дека извештаите на Фридом хаус се перцепција, дека не се на основа на факти, аргументи, документи, туку на основа на перцепција создадена од македонските медиуми, Хабданк-Колачковска возвраќа дека на организацијата и` е драго кога земјите вклучени во истражување го сфаќаат оценувањето сериозно, но во конкретниов случај „за жал, реакцијата на извештајот во којшто имавме доста критички тон за медиумската клима беше извесно вознемирување на нашиот автор на извештајот, инаку новинар. Тоа беше една не така суптилна иронија и е за големо жалење“.

Хабданк-Колачковска вели дека Фридом хаус имал средби со македонски владини претставници и дека слушнале што имале да кажат, но дека „во овој момент, мислам дека има голем јаз во перцепцијата меѓу Фридом хаус и официјални лица со коишто јас бев во контакт, за тоа што се случува“.

Таа коментира дека ангажираноста на Фридом хаус на прашањата за слободата во светот сама по себе не значи дека организацијата дава политички препораки, туку дека се обидува да го сврти вниманието на проблематичните нешта, исто како и на позитивните.

XS
SM
MD
LG