Линкови за пристапност

Собранието нема да чека до понеделник за законот за азил

  • Соња Трајковска

Актуелната состојба и околностите бараат брзо постапување – е образложението за специјалната седница

Иако најавено за в понеделник, Собранието сепак утре ќе се изјаснува за измените на Законот за азил, по скратена постапка, кои во понеделникот поминаа на седница на Влада.

Предлог законот ќе биде единствена точка на дневен ред на утрешната, 56- седница, велат од прес службата на собранискиот спикер.

„Актуелната состојба и околностите кои бараат брзо постапување ја наметнаа потребата за свикување на оваа посебна седница со единствена точка на дневен ред, а со цел брзо донесување на предложените законски измени“, се вели во денешното соопштение.

Измените, како што неодамна соопшти МВР, ќе значат „воведување јасна дистинкција во Законот, помеѓу намерата за барање азил и на самата процедура на поднесување на барањето“, но и можност за водење евиденција.

„Тоа значи дека на самиот граничен премин илегалниот мигрант ќе може да изрази јасна намера усно или писмено, на соодветен образец, по што ќе добие соодветен документ и ќе може да се движи, односно ќе му биде дадена насока да се упати кон центрите, или онаму каде што ќе биде одреден дека тој ќе може да го поднесе барањето за азил“, објаснува Котевски.

Во измените на Законот вели тој, се воделе главно од тоа дека илегалните мигранти кои влегуваат на наша територија, во потрага по подобар живот се соочуваат со огромни трагедии – некои ги губат своите животи или ги изгубиле своите најблиски. Сепак, како што велат од МВР, и покрај новините, „преоптимистички е да се надеваме дека ќе се реши проблемот, бидејќи е голем и глобален“ и „тешко е земјите од регионот сами да најдат решение, бидејќи тој е наметнат“.

Според податоците на МВР, од почетокот на годинава, досега, околу 30-тина мигранти, главно од Сирија и Авганистан, ги изгубиле животите во несреќи на македонските пруги. Народниот правобранител неодамна го покрена и прашањето за нивниот третман и мизерните услови во Центарот за мигранти во скопската населба Гази Баба во кои тие престојуваат.

„Две години не е преземано ништо, ниту од формален, ниту од реален аспект. ... Затоа, ни се случуваат трагедии каде што има и жртви. Властите многу малку прават во однос на нивните права за да ги прифатат во однос на стандардите“, изјави Иџет Мемети.

XS
SM
MD
LG