Линкови за пристапност

Најава за олеснето движење на мигрантите низ Македониja

  • Синиша Станковиќ

Владата го префрли жешкиот костен до Собранието, каде измените на законот ќе чекаат веројатно уште неколку дена

Македонската Влада изминатата ноќ ги прифати измените на Законот за азил и привремена заштита, со што е овозможено мигрант кој ќе се најде на територијата на Република Македонија, да добие потврда дека може да остане најмногу 72 часа во земјата, по што ќе мора да ја напушти или да побара азил. Освен тоа мигрантите би имале право од секој полицаец да побараат образец за азил. Со законските измени, на мигрантите кои досега пешачеа или ги возеа прескапо платените велосипеди, им се овозможува за време на нивниот престој во Македонија да користат средства за јавен превоз.

Измените, кои според најавата од Владата, ќе се носат во итна постапка во Собранието, иако се очекуваше да бидат ургентно ставени на дневен ред поради алармантната ситуација со мигрантите, на дневен ред и во собраниска процедура ќе бидат ставени дури во понеделник.

Во меѓувреме, на мигрантите ќе им помага Координативно тело со членови од пет министерства: за внатрешни и надворешни работи, за труд и социјала, за здравство и за локална самоуправа. Телото ќе ги следи состојбите на дневна и неделна основа и ќе предлага мерки за решавање на проблемите поврзани со транзитирањето на мигрантите низ Македонија

Според граѓанскиот активист и аналитичар Суад Мисини, кој веќе трет ден штрајкува со глад во знак на револт од односот на државата Македонија кон мигрантите, иако е легализиран рокот за престој на мигрантите, не е решен проблемот. Тој ветува останување во паркот пред Собранието додека не се исполнат неговите барања.

Во железничките несреќи, на пругите по кои главно пешачеа мигрантите во последните неколку месеци, загинаа триесетина од нив. Поради медиумското покривање на проблемите на мигрантите се радвижи граѓанскиот сектор и Црвениот крст најави зголемување на бројот на мобилни екипи кои ќе им помагаат на бегалците од војната во Сирија и останатите мигранти кои илегално влегуваат во Македонија.

Според ООН, неуспешна е репресивната политика на ЕУ за спречување на миграцијата, а од почетокот на годинава повеќе од 100.000 мигранти преку Медитеранот пристигнале во Европа. Министрите за внатрешни работи на земјите од ЕУ пак, денес во Луксембург ги почнале преговорите за справување со мигрантскиот проблем. Според медиумските извештаи, ќе се распределуваат квоти меѓу членките, а критериум ќе биде бројот на население, бројот на барања за азил во последните две години, БДП и растот на невработеноста, а додека се очекува Велика Британија, Данска и Ирска да не учествуваат, останатите 25 земји најверојатно ќе го изгласаат предлогот.

XS
SM
MD
LG