Линкови за пристапност

Заев со фокус на „вистинскиот лик на ДУИ“


ДУИ и од ВМРО-ДПМНЕ негираат криминално постапување и бараат целосно објавување „без процесирање“

„Со аудио доказите кои денеска ќе ги презентираме го откриваме вистинскиот лик на ДУИ. Од досега презентираните докази се` што направил Груевски не можел да го прави без знаење и поддршка од коалицискиот партнер ДУИ. Тие биле многу внимателни кога зборувале по телефон и може знаеле дека се прислушувани. Една тесна група во ДУИ наликува на тесната група на Груевски. Нивната цел не им биле граѓаните туку моќ, власт за лични интереси и пари“, рече лидерот на СДСМ Зоран Заев на денешната прес конференција во партиското седиште, презентирајќи нови материјали од прислушуваните разговори во рамки на нивниот проект „Вистината за Македонија“.

Заев денеска презентираше 20-тина аудио снимки, со разговори наводно на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, премиерот Никола Груевски, тогашните министри за внатрешни работи и транспорт и врски, Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, министерот Муса Џафери, и други блиски соработници на Ахмети.

Заев тврди дека еден од разговорите, наводно меѓу Ахмети и претседателот на огранокот на партијата во Чаир, Беќир Асани, е за „матни“ бизниси со недвижнини во општината. Друг разговор, наводно меѓу Ахмети и Груевски, пак, окривал корупциски урбанистички скандал, поврзан со објект – дивоградба, спроти Американска амбасада на Кале, чие уривање било стопирано, како што рече, со директен договор на двајцата коалициски партнери.

„Не само незаконски, туку и апсурдно Груевски од позиција на премиер си дозволува да бара дозвола од Ахмети за рушење дивоградба во Чаир, а лидерот на ДУИ Ахмети, му дал дозвола на Груевски да се руши објектот. Прескокнати се и институции, и надлежности .... има и нешто уште поважно – дека рушење дивоградби може и да се стопира, иако не е законски. Под кои услови? За 100.000 евра ...“, рече Заев, презентирајќи притоа на видео бим, транскрипт од разговор каде Асани наводно најдиректно му соопштува на Ахмети „Доколку ти рече тој нешто, ако крева прашина, ти речи му го тоа, ваква е работата, слободно кажи му, твојот зеде 100.000 евра за работа во Чаир, зашто тој Сашо Мијалков што беше директор, тој зеде 100.000 евра.“

Разговорот, пак, наводно помеѓу шефот на Кабинет на Ахмети, Артан Груби со Ахмети, според лидерот на СДСМ, фрла сомнеж за „корупциски скандал во Тетово“, каде наводно, наместо на норвешка фирма, Слободната економска зона и` била доделена на фирма од Турција, наводно по налог на врвот на ДУИ.

Дел од снимките што денеска беа презентирани, според Заев ги покажуваат и„амбициите во врвот на ДУИ, кога се прави пазарот со ВМРО-ДПМНЕ за поделба на места во Владата, да добијат ресори што носат пари, а не подобрување на условите за живот на граѓаните, па се потценуваат министерски позиции како што се образование, или одбрана на пример“.

„Врвот на ДУИ, функционирал многу слично со врвот на ВМРО-ДПМНЕ. ... На пример, разговорите откриваат на какви закани и инспекции бил подложен портпаролот Бујар Османи, затоа што кај него виделе амбиции за кандидат за градоначалник во Чаир. Меѓу овие разговори ќе слушнете како од ДУИ, во институциите што ги раководат, разрешуваат и враќаат директори по потреба, а не по закон, ќе слушнете признание и дека Тетовскиот универзитет е полн со кадри на ДУИ, преку реакцијата на пратеникот Џевад Адеми, кој му се жали на Ахмети дека биле бркани нивни луѓе“, објасни Заев.

Денешната „бомба“ содржеше и разговори од кои наводно се дознава за тајна средба на Фатмир Бесими како министер за одбрана со Борис Тадиќ во Америка.

„Убедени сме дека и во ДУИ, како и во ВМРО-ДПМНЕ има чесни луѓе, кои не се согласуваат со ваквиот начин на владеење на ДУИ“, рече Заев и ги повика, како што рече „чесните функционери на ДУИ и нивните поддржувачи, да ја напуштат Владата на Никола Груевски којашто направи егзистенцијален и демократски потоп во Македонија, сите заедно да ја формираме владата којашто ќе ги подготви и организира изборите и заедно низ слободни и демократски избори да ги спасиме и граѓаните и државата“.

Од ДУИ остро ги демантираа сите наводи од денешната прес-конференција на Заев.

„Самиот факт што разговорот на претседателот на партијата со претседателот на чаирскиот огранок, а кој се однесува за продажба на партиски имот во Скопје (за кои ќе презентираме докази) се претставува како криминал, зборува за вистинската намера на прес конференцијата“, се наведува во партиското соопштение.

Исто така, од ДУИ повторуваат дека инсистираат да се објават сите прислушувани разговори за партијата, „без истите да се процесираат низ институциите според желбите на опозицијата“.

„Доколку низ постапка се докаже вина, ДУИ нема да заштити никого, но исто така доколку се докаже дека обвинувањата се засновани на тенденциозни вадење од контекст на приватни разговори помеѓу функционери, тоа да се објави“, се вели во соопштението.

„Зоран Заев сака да ја излаже целокупната јавност, и Македонците и Албанците, и Турците и Србите и Ромите и Бошњаците и Власите, дека се грижи за нив, а всушност се што сака да направи е да се спаси себеси од криминалите кои стојат зад него и зад неговата фамилија“, се вели во соопштението-реакција од ВМРО- ДПМНЕ.

Исто така се наведува дека целта на лидерот на опозицијата е „да прави хаос со цел да се прибере до власт без избори и да се заштити себеси од последиците од неговото коруптивно однесување кое што е познато и на сите граѓани во Македонија, но и на целата меѓународна заедница“.

„Финишот на политичката кариера на овој човек ќе се случи на следните избори кога тој ќе доживее пораз. Тоа му е јасно и на Заев и на раководството на СДСМ. Затоа ваквото нивно однесување не е ништо друго, туку спасување на нивната политичка и партиска функција и кариера“, се вели во реакцијата на ВМРО- ДПМНЕ.

XS
SM
MD
LG