Линкови за пристапност

Мигранти во Македонија: Се чека одлука на Владата

  • Синиша Станковиќ

Еминентен граѓански активист почна штрајк со глад, со барање кое го поддржуваат бројни невладини организации – веднаш да им се помогне на мигрантите.

Мигрантите кои илегално ќе влезат во Македонија ќе може да побараат азил од полицаец кого ќе го сретнат, или пак во прифатниот центар во Скопје, со што ќе добијат право за 72-часовен легален престој во земјата, период во кој ќе мораат да ја напуштат Македонија или да останат да го чекаат решението за азил. Ова се измените во Законот за азил што спроед медиумите се на дневен ред на седницата на Владата која од утрината ја најавуваат македонските медиуми, а од која, се` до испраќањето на овој извештај (доцна навечер по македонско време), се` уште нема никава официјална информација.

И додека јавноста во Макдонија, пред се` граѓаните кои се самоорганизираат, со лекарска помош и доставување вода, храна и лекови, да им помогнат на илјадниците бегалци од војната во Сирија, мигрантите од Авганистан, Пакистан, Ирак и од одделни африкански земји, но, и самите мигранти, ја чекаат одлуката на Владата (со која, евентуално, според примерот од соседните балкански земји, би им се олеснил на потенцијалните баратели на право на азил - пристап до органот кој ја води постапката за признавање на таквото право), се` уште нема никакво решение.

Иако за време на викенд-посетата на Преспанско-Пелагонискиот регион, премиерот Никола Грувески, најави дека ќе се преземат мерки за решение на проблемот со се` побројните мигранти кои транзитрираат низ Македонија на патот кон ЕУ, и дека Владата има план да им се излезе во пресрет „со измена на законите и други чекори, зошто ова не смее да продолжи“, се` уште нема официјален став на македонските власти, како да се надмине или ублажи проблемот со илегалната миграција.

Активистите за граѓански права, во знак на солидарност со мигрантите, го организираа маршот „Еден километар во чевлите на мигрантите“, од зградата на Владата до Прифатниот центар за мигранти во скопската населба Гази Баба, каде на арапски и македонски јазик, пред оградата им ги прочитаа основните граѓански права на мигрантите и укажаа на лошите услови во центарот.

„Судбината на мигрантите во прифатниот центар е симбол и за нечовечките услови и ризиците со кои се соочуваат и нашите граѓани, затворени и присилени да мизеруваат, да се раселуваат или самите да сонуваат за мигрирање надвор од државата во потрага по безбедност и пристоен живот“, беше речено во најавата за маршот.

Неформалното движење „Протестирам“ побара државата Македонија да гарантира привремена заштита за мигрантите и еднакви услови за живот за сите, а учесниците на маршот со паролите „Правда за бегалците“ и „Заедно сме посилни“ им изразуваа поддршка.

Дел од медиумите ја објавија и пораката на притворените во Центарот, според која, „ние немаме проблем со македонскиот народ туку само сакаме да поминеме (низ Македонија – н.з). Велат дека е нелегално. Ја минавме и Турција, но никој не рече ништо. Ние сме тука бидејќи нашиот народ е меѓу војна и оган. Во многу лоша ситуација сме, ни треба поддршка, некој да не слушне. Ние умираме. Ние сме тука бидејќи законот не не` поддржува нас туку криминалците. Вие сте единствените кои можат да ни помогнат. Извлечете не одовде.“

Реагираше и опозицијата според која најавените измени на Законот за азил не се решение, зашто проблемот е сериозен и повеќедимензионален. Иако бара итно носење на законот, опозицијата потенцира дека мора да се испита зошто „македонската граница во последнава година е како швајцарско сирење“? Портпаролот на СДСМ Петре Шилегов, кажа дека власта немала контрола на границите на Република Македонија, и дека тоа според него e исклучително сериозен проблем.

„Досегашните информации покажуваат дека проблемот со мигрантите не е само хуманитарен и нелегално влезените луѓе не се само бегалци од кризни жаришта, туку станува збор и за криминал“, рече Шилегов.

Иако продолжуваат и хуманитарните акции за помош на мигрантите кои најчесто пеш по пругите или автопатите, или на велосипеди, се движат низ цела Македонија од грчко-македонската граница кај Гевгелија до македонско-српската граница кај Куманово, за преку Србија да стигнат до некоја држава на ЕУ, некои од активистите сметаат дека е „срамно тоа што Македонија како држава поургентно не рагира да ја спречи голготата на мигрантите“.

Аналитичарот Суад Мисини втор ден штрајкува со глад пред македонскиот парламент, барајќи итни измените на законот за азил.

„Барам веднаш и безусловно, законски измени кои ќе овозможат процедура што ќе гарантира безбедност и сигурност при престојот и транзитот во и низ Република Македонија, слободно користење на сите достапни превозни средства и професионален и хуман третман од сите засегнати институции, како и непречена работа на сите здруженија и поединци кои сакаат да им помогнат на мигрантите на територијата на Македонија. Конкретни и јавно соопштени мерки и акционен план за заштита на безбедноста, физичкиот интегритет и сопственоста на мигрантите, нешто што Република Македонија преку Уставот го гарантира на сите луѓе на нејзината теритотрија, како и мерки за директно справување со сите инволвирани во криминални активности, насочени против мигрантите. Ургентно затворање на сите правни постапки во центарот Гази Баба и ослободување на мигрантите кои живеат во невозможни услови, како и затворање на Центарот, се` додека не се овозможат хумани услови за престој во него и во другите центри со оваа намена. Република Македонија, како членка на Советот за човекови права на ООН и Советот на Европа, има обврска да ги почитува националните и меѓународните стандарди за човекови права и да овозможи нивна имплементација за сите луѓе на нејзина територија“.

Проблемот со нелегалните мигранти во државите од Западниот Балкан беше една од главните теми на состанокот на министри за надворешни работи на Централноевропската иницијатива во Охрид, каде министерот за бадворешни работи Никола Поповски изјави дека „не може да се очекува државите од Западен Балкан кои се во просек посиромашни и помалку опремени за справување со ваков наплив на бегалци да се справат на начин како што би можеле да се справат земјите од ЕУ. Ако ЕУ обезбедува фондови и се координира меѓу себе да се справи со овој проблем, незамисливо е тоа да биде успешно направено без европска помош и без наша вклученост во таа нивна стратегија“.

XS
SM
MD
LG