Линкови за пристапност

Додека институциите го чекаат законот, граѓаните се самоорганизираат за помош на имигрантите

  • Синиша Станковиќ

Имигрантите во Македонија трикратно го надминале капацитетот на прифатниот центар; Владата ќе расправа во понеделник

Втор пат во само два дена имигрантите во Центарот за странци во Скопје се побунија поради неадекватните услови за сместување на толкав број лица. Тие бараат да бидат префрлени во Центарот за азил во скопското село Визбегово, зашто, според медиумските извештаи, над 400 бегалци, главно од Сирија морале да спијат и на подот, оти нивниот број трикратно ги надминувал капацитетите на центарот.

Реагираше и Народниот правобранител Иџет Мемети, кој по медиумските извештаи, ги посетил лицата во Центарот и заклучил дека условите се катастрофални и дека не е гарантирана заштита на правата на странците.

„Во ужасни хигиенски услови, сместени се и деца без придружба, бебиња и бремени жени. Бараме итно зголемување на сместувачките капацитети, како и координирано решавање на проблемот“, изјавил Мемети.

Омбудсманот кој побарал измените и дополнувањата на Законот за азил да се донесат што побргу, денес се сретнал со министерот за внатрешни работи Митко Чавков, кој најавил дека ќе биде побарано законот да се донесе по скратена постапка. Но претходно, на владината седница во понеделник, премиерот Никола Груевски треба да ја прифати препораката за итност, за законот веднаш да влезе во собраниска процедура,

За состојбите во Центарот во Гази Баба реагираа и дел од невладините организаци и Хелсиншкиот комитет за човекови права. И претставникот на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации – УНХЦР Мохамед Ариф, потенцираше дека Македонија итно треба да ги донесе предложените измени во Законот за азил, „за да се спречи страдањето на мигрантите“.

Според медиумските извештаи, досега на македонските пруги загинале 28 имигранти.

Во медиумите беше објавена и изјавата на адвокатот Владимир Данаилов, според кого „надлежните институции мораат да делуваат во смисла на забрзано процесирање на имигранти, нивна евиденција и заштита, доделување ограничен законски престој на територија на Македонија, имајќи предвид дека голем дел од нив доаѓаат од воено разорени подрачја и под животно загрозувачки околности што им дава легитимитет да аплицираат и за азил“.

„Но, секако дека нивната цел не е да останат во Македонија, туку да продолжат кон земјите на ЕУ. Евидентирањето на мигрантите кои влегле во Македонија и доделување на законски ограничен престој на територија на Македонија според Законот за азил и престој на странци, ќе ги заштити и ќе ги направи помалку ранливи спрема организираните криминални банди.“

Јанко Лега од иницијативата „Да им помогнеме на азилантите во Македонија“, изјави за порталот „Академик“ дека постоеле притисоци да не се донесат законските измени за имиграните за тие да не станеле проблем на македонските власти.

„Но, хуманоста и човештвото нѐ обврзува да им се помогне на овие луѓе. Мораме да направиме сѐ што е во наша моќ за да им се олесни болката“, посочува Лега, кој упатува и на примерите од соседството, од Србија и Албанија, каде им се издаваат „документи за привремен азил од 72 часа на бегалците, во кој рок тие можат да ја поминат државата или да бараат траен азил во земјата, или, пак, се воведени специјални пасоши според релевантни меѓународни конвенции“.

И НВО „Цивил“, по бара од надлежните институции веднаш да се преземат мерки за заштита на имигрантите, а претседателот на оваа организација Џабир Дерала, изјави дека „

За среќа по мигрантите, македонските граѓанки и граѓани покажаа на дело дека се сочувствителни

и солидарни со туѓата несреќа и дека секогаш кога можат, помагаат“.

„Сепак, многу поважно е институциите да ја исполнат својата обврска, да ги почитуваат човековите права и решително да ги санкционираат оние што го кршат законот со своите постапки и однесување кон мигрантите“.

А на теренот, продолжуваат маките на бегалците од воените подрачја, главно до Сирија. На една снимка од Демир Капија триесетина мигранти на железничката станица, и покрај полициската забрана, влегуваат во возот за север, преку прозорец.

Имигрантите кои илегално ја минуваат грчко-македонската граница, главно одат пеш по пругата до Миравци и Демир Капија, а оттааму, пеш или со купени велосипеди, патуваат до Куманово. Оттука се обидуваат илегално да ја преминат македонско-српската граница на пат кон ЕУ.

Црвениот крст на Република Македонија во соработка со УНХЦР спроведува активности за намалување на ранливоста и ублажувања на страдањата на имигрантите. Во Прифатниот центар за странци, Црвениот крст има здравствена единица каде се дава примарна здравствена заштита, хигиенски средства и облека, а формирани се и два мобилни тима составени од лекар, медицинска сестра и возач кои укажуваат прва помош на повредени и изнемоштени лица и делат вода и храна.

XS
SM
MD
LG