Линкови за пристапност

„Eксклузивно албански“ протест во Македонија


Антивладин протест на 44 политички партии и здруженија на Албанците во Македонија е закажан за сабота.

„Оставка од антиалбанската, инкриминираната и корумпираната влада на Груевски и Ахмети, расветлување на сите албански вистини во Македонија и барање нов договор за Македонија“. Ова се трите барања што ќе бидат упатени од утрешниот антивладин протестен марш „Протестирам албански“, што на прес – конференција ги соопшти организациски одбор, во кој се 44 политички партии, здруженија и сојузи на Албанците во Македонија.

„Деновиве имавме можност да слушнеме многу различни коментари, каде најчесто беше поставено прашањето зошто овој протест е ексклузивно албански. Затоа, сакаме да објасниме дека овој протест е албански, бидејќи во кризата низ која поминува земјата само албанскиот глас не е слушнат, не се слушнало само албанското мислење. Според нас, Албанците се отворени да дискутираат и за граѓанска држава, и за деетнизација на државата, но пред се ние треба да се договориме да се затвараат меѓуетничките прашања. Се додека ние Албанците сме дискриминирани затоа што сме Албанци, не може да се однесуваме само како граѓани“, порачаа организаторите на прес-конференцијата на плоштадот „Скендербег“.

Маршот ќе тргне од паркот во Чаир во 17 часот и ќе заврши на мостот „Гоце Делчев“ кај зградата на Владата, каде ќе биде поставена бина од која учесниците ќе им се обратат повеќе говорници.

„Сето она што се случи во Македонија, после сите објавени бомби, сигурносните и правни системи се паднати. Затоа, ние сметаме дека на Македонија и е потребен еден нов договор на сите граѓани. Да отвориме процедура за редефинирање на државата и да започнеме еден процес за една нова, стабилна и развиена држава, каде што Албанците ќе бидат уставотворен народ во државата“, вели Африм Гаши, од Движењето „Беса“, едно од организаторите на протестниот марш.

Гаши очекува утрешниот протест да биде, како што вели „празник за сите граѓани во земјава, мирен, достоинствен и масовен“, додавајќи дека секој граѓанин е добредојден, само треба да ги почитува правилата на организацијата на протестот.

„Ние сметаме дека овој начин на организација е најдобар и секој кој ќе го почитува тој куќен ред е добредојден“, вели тој. Тој уште еднаш ги повтори барањата на „Беса“, а тоа се „оставка на Владата на ВМРО- ДПМНЕ и ДУИ, целосно расветлување на случаите „Монструм“,„ Сопот“, „Куманово“ и нов договор за земјава како заедничка консензуална држава на Македонците и Албанците“.

Од невладината организација „Цивил“ сметаат дека организирањето моноетнички протести во овие денови е несоодветно.

„Во време на меѓуетничка обединетост невидена во последниве децении, „Беса“ донесува несериозна политичка одлука за собирање на Албанците да искажат револт против режимот на Груевски и Ахмети“, се вели во соопштението.

„Ова ново движење, за кратко време донесува две многу погрешни одлуки. Првата беше кога ги повика Албанците да не го подржат големиот протестен собир на 17 мај годинава. Тој протест беше организиран од повеќе од 80 граѓански асоцијации и политички партии. Многумина овој повик на „Беса“, но и на други албански политички партии го сметаа за пукање во сопствената нога. Така и беше. Албанците ги изигнорираа овие повици и масовно, заедно со сите останати, го наполнија просторот пред Владата. И, сега, наместо да ја поправат оваа нивна грешка, тие влегуваат во уште една авантура. Сами“, велат од „Цивил“.

Ист став со „Цивил“ имаат и во граѓанското движење „Протестирам“.

За нив, барањата на „Беса“ се националистички, а моноетничкиот карактер на протестот праќа лоша порака.

„Живееме во општество во коешто сите сме на удар, основните граѓански права ни се загрозени и мислам дека треба заедно да се бориме за заедничките работи, а не за овие барања. Тие се и нерелевантни, воопшто нема социјални барања, барања за економско-социјалната правда и слично, туку има само за некакви репрезентации на етничкото, кое мислам дека веќе во Македонија е надминато“, вели Јордан Шишовски од „Протестирам“. Сепак, тие не ја исклучуваат можноста, некој од нивните членови, кои се од различна етничка припадност, да се приклучат на утрешниот протест.

XS
SM
MD
LG