Линкови за пристапност

Македонија во центарот на дипломатски престрелки

  • Синиша Станковиќ

Бугарија ја демантираше изјавата од Русија за наводната опасност да се подели Mакедонија, а реагираше и македонското МНР

Македонското Министерство за надворешни работи попладневно се огласи соопштение по повод изјавите на странските претставници од соседството и пошироко кои се однесуваат на Република Македонија. Според најавата која претходно за Гласот на Америка на македонски јазик ја даде портпаролот на Владата Алeксандар Ѓорѓиев, МНР проценило дека е корисно, во сооопштение објавено на веб-страницаta mfa.gov.mk, ги изнесе своите официјални ставови:

„Стратешка цел на Република Македонија е да се интегрира во ЕУ и НАТО. Тоа е во интерес на сите македонски граѓани, за подобра иднина, економски развој, мир и стабилност во земјата и регионот; Меѓуетничкиот соживот и почитувањето на културните, етничките, верските различности и на човековите права се темел на македонското општество и уставно уредување. Сите ние заедно сме обединети за европска иднина на Република Македонија; Неопходна е искрена соработка и недвосмислена поддршка од нашите соседи и меѓународни партнери; Сите блокади, закани со блокади и изјави за нудење на изговори против наше членство, не се во духот на европските вредности и не придонесуваат за мир и стабилност во регионот; Република Македонија ќе продолжи да работи активно на постојано зајакнување на соработката со сите наши соседи и партнери во интерес на напредок во регионот“.

Така, со таксативно набројаните ставови, македонското МНР одговори на интересот на новинарите кои денес бараа официјален коментар на одговорите на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, дадени во Советот на федерацијата на Федералното собрание на Русија, дека постоела опасност од поделба на Република Македонија меѓу Албанија и Бугарија.

Според медиумските извештаи кои го пренесоа неговото излагање, на Лавров му биле поставени прашањата: „Во Македонија практично започна „Обоена револуција“ по сценарио на украинската. Не е ли време Русија активно да се вклучи во спречувањето на обоени револуции во Европа?”, како и “Зарем не би требало во почетните фази на овие сценарија за рушење на легалните власти да се приклучат и сите меѓународни институции како ОБСЕ и Советот за безбедност на ОН, со цел обоените револуции да не станат пракса за смена на властите во светот?“

Лавров, според медиумите, се согласил со поставувачот на прашањата и изразил загриженост:

„Во тек се обиди владата на Никола Груевски да се обвини за некомпетентност, како и за тоа дека не ги извршува своите обврски кон граѓаните, а му се препишува и многу повеќе. Но, зад сето тоа стои желбата да се влијае врз него поради одбивањето да се приклучи кон санкциите за Русија. Ние од релевентни извори знаеме дека врз него е вршен притисок и во врска со тоа што тој своевремено го поддржа Јужен тек во интерес на македонските граѓани и државата. Сега тој покажува спремност за соработка по повод реализацијата на други варијанти на испорака на енергенси од Русија на југот на Европа, како што е Турскиот тек. Многу е жално и опасно што во постигнувањето на целта на подривање на Груевски се користи и албанскиот фактор“.

Истакнувајќи дека е добро што во 2001 конфликтот во Македонија се завршил со потпишувањето на Охридскиот договор, Лавров изразил загриженост што „сега се во тек разговори Македонија дополнително да се федерализира или да се направи тивка федерација или дури конфедерација. Дури се изнесуваат идеи таа да се раздели на делови и да се подели дел на Албанија и дел на Бугарија“.

Лавров, покрај другото, го критикувал и патувањето на претставниците на ОБСЕ и низа западни земји и земји членки на ЕУ, низ Македонија минатиот месец, поради што Русија и официјално го замолила „седиштето на ОБСЕ, генералниот секретар и претседателот на ОБСЕ Ивица Дачиќ, актуелен министер за надворешни работи на Србија, да ја истражат работата и да известат, што всушност се случувало“.

Спорд Лавров, се` што се случува во Македонија, „Русија го сфаќа исклучително сериозно“.

По повод неговата изјава реагираше најпрвин министерот за надворешни работи на Бугарија, Даниел Митов, според кого изјавите на Лавров се несериозни, зашто за цело време на „тешкиот пат низ кој помина Република Македонија кон воспоставувањето и зацврстувањето на нејзината државна независност и суверенитет“, Бугарија била таа која и` давала најголема поддршка на независноста на Република Македонија. Митов потенцира дека Бугарија “беше и ќе остане гарант за територијалната целина на Македонија“.

Според БГНЕС, Митов истакнал дека Бугарија прва го признала уставното име на Република Македонија, што било клучно за стабилноста во Југоисточна Европа, како и дека се недозволиви сите обиди да се стави под знак прашање територијалната целост на Република Македонија.

Со изјава за Македонија се огласи и албанскиот премиер Еди Рама на регионалниот самит против тероризмот во Тирана. Тој изјавил дека Албанија ќе го поддржи влегувањето на Македонија во НАТО, но го услови со „најважната работа“ - гаранцијата за спроведување на Охридскиот договор. Според Рама, случувањата во Куманово, се неприфатлива трагедија и било ризично кога се мешале поимите - „тероризам“ и „Албанци“, кои во Македонија се сплотиле,, иако според него, етничките Албанци се „важен државотворен фактор за Македонија“.

Според косовските медиуми, косовското МНР испратило и официјална вербална нота до Скопје, по повод кумановските настани. Иако македонското МНР тоа го негира, косовските медиуми објавуваат дека нотата наводно била испратена, по изјавата на македонскиот Омбудсман, Иџет Мемети, дека постојат докази оти македонските власти вршеле насилство над преживеаните напаѓачи во Куманово.

И германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер, побара македонските власти да направат темелна и транспарентна истрага за текот на настаните при операцијата на полициските сили во Куманово.

„Инцидентот од минатата седмица предизвика стравувања во Европа. Се надевам дека она што го видовме не е почеток на ескалација, дека властите во Македонија ќе вложат напори, во прв ред, за да спроведат темелна и транспарентна истрага за сите околности и, второ, за да спречат натамошни инциденти од ваков вид“, изјавил Штајнмаер.

Неговата изјава, според медумите, ја поддржал и албанскиот премиер Рама, според кого, „воспоставувањето на правдата за Куманово, каде што имало десетици жртви и повредени, е камен-темелник за соживот меѓу луѓето од различни етнички групи“.

Инаку, според официјалната најава, по завршувањето на обдукцијата,телата на загинатите косовски државјани, членови на вооружената група напаѓачи во Куманово,денес требаше да им бидат предавани на нивните семејства.Според Обвинителство, ќе бидат предадени телата на Џафер Зимиери, Бег Ризај, Мирсад Ндрецај, Валон Кабашија, Тургај Гашија, Самид Кастриоти, Хисен Рушити, Фатлум Вишесел и Арбен Реџај, но нивните роднини, најпрвин ќе треба да ги идентификуваат телата, а потоа, заедно со починатите, ќе бидат проследени до граничниот премин кон Косово.

За македонската јавност сепак, останува нејасно како по изјавата на премиерот Греувски по завршувањето на полициската акција во Куманово, дека има 14 загинати терористи, Јавното обвинителство сега излегува со став дека се пронајдени десет тела и дека се работело за грешка во пребројувањето.

XS
SM
MD
LG